Македонија
Курти го пречека Мицкоски во Приштина – двајцата лидери очекуваат економската соработка да достигне половина милијарда евра
Премиерот на Косово, Аљбин Курти, го пречека македонскиот премиер Христијан Мицкоски денес во Приштина на меѓувладината седница.
Пречекот се одвиваше со највисоки почести и интонирање на македонската и косовската химна.

Мицкоски најави дека економската соработка меѓу двете земји ќе достигне половина милијарда евра во текот на следната година и истакна дека договорите што ќе бидат потпишани денес се во таа насока.
„На билатералната средба дефиниравме цел оваа година трговската размена да биде над половина милијарда евра меѓу нашите две земји, во следните години економската соработка ќе биде уште поголема, убеден сум дека ќе успееме“, рече Мицкоски, кој му се заблагодари на Курти за одличниот прием, енергијата и атмосферата.

Според најавата на владината прес-служба, во текот на денот ќе бидат потпишани протоколи и меморандуми за соработка во три области.
Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини, каде што се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово – Република Северна Македонија.
Вториот е информација за склучување протокол помеѓу владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на договорот за заеднички гранични премини Блаце – Елез Хан и Јажинце – Глобочица. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.

Третиот документ што ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.
Премиерот на Косово, Аљбин Курти, истакна дека Северна Македонија и Косово немаат никакви несогласувања и се соседи, пријатели и блиски партнери.

„Ние сме поврзани не само преку трговијата, која секојпат расте, туку и преку нашите врски, семејства и бизниси, кои се сè посилни и посилни“, рече Курти.
Набргу двајцата лидери ќе одржат и заедничка прес-конференција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Програми за доживотно учење на Факултетот за музичка уметност – Скопје
Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги објави програмите за доживотно учење – единствена можност за сите заинтересирани лица над 20 години кои сакаат да го прошират своето музичко образование и да се надградат професионално.
Наставата се реализира со врвен универзитетски кадар и нуди висок квалитет во различни области: свирење на инструменти, соло пеење, популарни жанрови, диригирање и композиција. Секој учесник добива индивидуален пристап и работи во одлични услови кои овозможуваат целосно развивање на талентот и личен напредок.
На крајот од секој семестар, учесниците добиваат сертификат издаден од Факултетот за музичка уметност – Скопје, што претставува официјално признание за стекнатите знаења и вештини.
Повеќе информации за програмите на следниот линк: https://www.fmu.ukim.edu.mk/about/lifelong-learning
Уписот е во тек и трае до 25.2.2026 год. За дополнителни информации во врска со уписот, обратете се на тел.бр.02-3134345 или на е-пошта: [email protected].
фото/Depositphotos
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟣𝟩 непрописно паркирани возила на територија на општина Центар
ЈП Паркинзи на општина Центар известува дека во периодот од 09.02 до 15.02.2026 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ биле отстранети 117 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ во наредниот период ќе продолжи со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
ВЛЕН: Ако СПАК-от на ДУИ не е само за спектакл, нека побара екстрадиција на Артан Груби од Албанија
ДУИ во Чаир помпезно го најавува формирањето на локален СПАК (Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција), како да ја открила Америка. Но, прашањето што веднаш се поставува е: дали овој СПАК ќе го истражи и сопственото раководство или е само уште еден театар за измама на граѓаните, прашуваат од ВЛЕН.
„Корупцијата има познати лица: Фатон Ахмети, поради сомневања за злоупотреба на средства во ФЗО, Арбер Адеми, како министер за образование со отворени случаи за злоупотреба, Бујар Османи, за случајот „Пациент“ и многу други кои денес седат во раководството на ДУИ како недопирливи. ВЛЕН го поздравува овој СПАК на ДУИ и сугерира дека, ако е навистина за акција, а не за спектакл, треба да ги започне истрагите токму со овие имиња. Првото нешто што треба да го направи е да воспостави комуникација со СПАК на Албанија и да побара екстрадиција на Артан Груби, симбол на ароганција и злоупотреба на моќ“, пишува во соопштението.
Ако овој СПАК е сериозен, велат од ВЛЕН, нека се обиде да ги истражи сопствените недопирливи.
„Само тогаш граѓаните ќе веруваат дека транспарентноста не е фасада, туку реалност. Дотогаш, ова останува потсмев, „СПАК за Фејсбук“, а не за правда“, велат од ВЛЕН.

