Македонија
Курти: Државниците во Северна Македонија изразија жалење и набргу ќе има извештај за инцидентот на аеродромот
Косовскиот премиер Аљбин Курти вели дека претседателката Вјоса Османи доживеала непријатно искуство на скопскиот аеродром, особено оти била со семејството.
„Државниците на Северна Македонија изразија жалење за случајот. Ќе почекаме на официјалниот извештај и истрагата за да разбереме што точно се случило и да не ни се повторат никогаш вакви ситуации“, рече Курти.
При посетата во Скопје, одговарајќи на прашањата на новинарите, Курти истакна дека тој и премиерот Мицкоски не може во исто време да бидат премиери, цариници, полицајци и граничари.
Мицкоски, пак, изјави дека секој функционер, па и тој, е подложен на процедури кога користи комерцијален лет. За инцидентот изрази жалење и истакна дека Османи е добредојдена во земјата и лично следниот пат ќе ја пречека на аеродромот и ќе ја придружува за да се избегнат инциденти, особено, како што рече, од поединци, кои се наш домашен проблем.
До инцидентот дојде во петокот додека претседателката на Косово, Вјоса Османи, поминувала гранична конторла пред летот на скопскиот аеродром.
Според информациите од македонското МВР, кога од неа било побарано да го остави телефонот и да помине на скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнало вработениот во ТАВ со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал на скенерот.
„По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Гаши (полициски службеник) со уште две лица (полициски службеници) и почнало да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој ѝ направил проблем на претседателката. Притоа турнало и полициски службеник вработен на граничниот премин“, велат од МВР.
Кабинетот на Вјоса Османи, пак, соопшти дека спротивно на меѓународните практики и Виенската конвенција за дипломатски односи, обезбедувањето на скопскиот аеродром се обидело да ѝ го земе личниот телефон на претседателката, но таа не дозволила.
На тоа реагира „ТАВ Македонија“, од каде што објаснија дека Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на македонската Влада, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Од тука категорично ги отфрлија наводите дека нивен вработен се обидел да ѝ го одземе телефонот на Вјоса Османи.
Гаши истакна дека неговото обезбедување стигнало на аеродромот за да ја смири ситуацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

