Македонија
Курц домаќин на Заев: По историскиот договор со Грција, време е за реформи
Премиерот Зоран Заев во Виена оствари средба со австрискиот канцелар, Себастијан Курц.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот рекол дека секоја посета на Австрија е задоволство и му се заблагодарил на Курц, но и на австриската влада за нивните заложби за просперитетот на нашата држава, но и за целиот регион на Западен Балкан.
„Сега откако почна да се имплементира договорот од Преспа, се насочуваме целосно кон работа на реформите дома. Постигнатиот договор имаше позитивен импакт врз целиот регион. Со договорот успеавме да покажеме дека со партнерство и дијалог може да се постигне многу“, истакнал Заев на средбата со австрискиот канцелар.

Премиерот рекол и дека членството на државата во ЕУ е единствениот избор.
Претходно неделава агенцијата АПА пренесе дека Курц го поканил Заев како негов гостин на „Oпернбал“ – главниот настан во сезоната на балови во Австрија. „Oпернбал“ се одржува вечерва, а традиција е австриските политичари на истиот да повикаат колеги од странство.
Токму во духот на оваа традиција, Курц го поканил Заев, а вицеканцеларот Хајнц Кристијан Штрахе на „Oпернбал“ го повикл шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ.
Од кабинетот на австрискиот канцелар објасниле дека тоа се должи на фокусот на австриската надворешна политика кон Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

