Македонија
Кучешка чума се шири кај млади и возрасни кучиња во Скопје
Во прифатилишето на Јавното претпријатие „Лајка“ на почеток на месецов е констатирана појава на инфективна болест штенечак – кучешка чума (Canine distemper) кај вкупно 5 заловени кучиња. Штенечакот е заразна болест предизвикана од вирус кој ги напаѓа респираторниот, гастроинтестиналниот и нервниот систем кај млади, но и кај возрасни кучиња, која доколку навремено се детектира и соодветно се третира може да се излечи. Кучињата најчесто се инфицираат преку кивање и кашлање од заболено куче, известуваат од „Лајка“.
Од таму нагласуваат дека станува збор за вирусно заболување од високозаразна природа кое пред неколку месеци се појавило и на улиците во Скопје, исклучително ризично по животот на заловените кучиња, без никаква опасност по здравјето на луѓето.
„Од појавата на првите пет случаи на почетокот на декември, постојано се соочуваме со нов број на позитивни случаи кај нови кучиња, кои пројавуваат симптоми, бидејќи болеста има долга инкубација од неколку недели. Ве информираме дека веднаш по констатирањето на првите случаи, согласно стручните ветеринарните препораки и насоки, преземени се низа превентивни мерки. Протоколот во прифатилиштето е во согласност со ветеринарната пракса и светските практики за управување на прифатилишта од овој тип и во консултација со ветеринарната фела, активисти и претставници на здруженијата за заштита на животни.
Превентивни мерки кои се преземаат во прифатилиштето на ЈП ЛАЈКА забрана за заловување и враќање на бездомни кучиња во период од 30 дена, поради долгата инкубација на болеста и следствено, опасност кучињата да пројават знаци на болеста веќе откако ќе бидат вратени на локација. Затоа, во периодот од 30 дена во стационарот ќе се прифаќаат само кучиња кои се пријавени за агресивни или кои каснале граѓани.
Внатрешна реорганизација, дезинфекција и санација на сите оддели – карантин, интензивна нега, пост-оперативен дел и вдомување. Во моментот сме под карантин, со што сме спречени активно да работиме на решавање на проблемот со уличната популација на кучиња. Застојот на програмата залови – стерилизирај – вакцинирај – врати ќе биде бргу надоместен во наредните месеци, но во моментов е недозволиво да се импровизира. Мерките кои се преземаат во овој период се неопходни и од исклучително важност, со цел да превенираме ширење на болест која е подмолна и фатална по здравјето и животот на кучињата. Апелираме до сите активисти и приватни прифатилиште да спроведуваат соодветни мерки за превенција од понатамошно проширување“, апелираат од ова јавно претпријатие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска-Давкова: Времето на жените доаѓа, срамота е што 30 години сме немале жена претседателка или премиерка
Во рамките на активностите на кандидатката за претседателка на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, таа се обрати на трибината на тема „Жени“ која се одржа во Јавна соба.
„Во мојата програма има посебен дел посветен на жените. Подолго светот живеел како патријархат отколку матријархат. Повеќе жени во политика, повеќе гаранции за помалку насилство. Срамота е 30 години да не сме имале жена претседателка, жена премиерка. Да им ставиме крај на Венецијанските трговци“, порача Давкова.
Како што додаде, жените имаат што да покажат, имаат вулканска сила и мажите треба да се инспирираат од нив.
„Времето на жените доаѓа. Сега е време за машка еманципација. Македонија е во женски род, политиката е во женски род. Женскоста е квалитет неискористен. Промените наскоро доаѓаат“, рече Давкова на трибината.
Македонија
Оштетени билборди и рекламни паноа на политичка партија во Тетово
Вчера на улицата ,,Киро Ристовски-Дрнц” и на улица „Маршал Тито” во Тетово биле оштетени билборди и рекламни паноа од парламентарните избори од една политичка партија.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот, објави МВР.
Македонија
Демократски сојуз предлага платите на полицајците да бидат колку оние на обвинителите и судиите
Демократски сојуз на сите полицајци и припадници на службите за безбедност, им го честита 7 Мај, ДЕНОТ НА ПОЛИЦИЈАТА и им посакува успешно извршување на сложените безбедносни задачи.
Празникот се совпаѓа и со изборите за претседател на државата и за пратеници, каде за жал, како што велат од патијата, улогата на полицијата е клучна за обезбедување стабилност и услови за мирни и фер избори.
„Овие денови се клучни за да спречите нерегуларности, притисоци, купување на гласови, организирање на „Бугарски воз“ или нарушување на изборниот процес на кој било начин (насилство итн). Инаку полицијата и службите за безбедност извршуваат тешки, одговорни и сложени безбедносни задачи, но последните години се со ниски примања. Така, главен оперативец задолжен за спречување и откривање на тешки кривични дела прима плата од околу 45 илјади денари, а јавен обвинител околу 130 илјади денари“, додаваат од партијата на Павле Трајанов.
Предлагаат двојно зголемување на платите на полицијата и нивно усогласување со платите на обвинителите и судиите.