Македонија
Лабудовиќ најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни гаражи, чиста и безбедна општина со енергетски ефикасни фасади
Во преполната сала на Музејот на Современа уметност, вчера се одржа промотивната Конвенција на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, на која беа претставени кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, и советничката листа.
„На Центар му треба предводник кој ќе биде вистински претставник на граѓаните. Доволно млад и енергичен, доволно стручен и посветен татко на општината. На Центар му треба човек кој ќе воведе ред, ќе создаде урбан развој наместо хаос, ќе го исчисти, ќе го направи безбеден и ќе се бори за секоја негова педа. На Центар му треба вистински центарец. На Центар му треба Мирослав Лабудовиќ,“ беше пораката што силно одекна на Конвенцијата.
Во своето обраќање, Лабудовиќ се обврза дека нема да биде градоначалник кој работи само пред избори, туку човек што ќе им служи на граѓаните секој ден од својот мандат. Тој најави ревизија на сите спорни урбанистички планови, нови катни гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата Железничка станица, чиста и безбедна општина со енергетски ефикасни фасади, како и изградба на Центар Хаб – мултифункционален младински и културно-технолошки центар.
„Секогаш пред очи ќе ја имам главната цел – моите сограѓани. Ќе работиме секојдневно за да го подобриме нивниот живот и Центар да му го вратиме на граѓанинот,“ истакна Лабудовиќ.
Носителот на советничката листа, Мишко Барзов, додаде дека со визија, системски решенија и чесна работа, советниците на ЗНАМ ќе изградат поуредена, почиста и побезбедна општина, додека лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, порача: „Не смееме да дозволиме Центар да остане во погрешни раце. Време е за промена, време е за вистински човек кој и знае и може. Тој човек е нашиот Миро.“
Движењето ЗНАМ на овие избори настапува самостојно со советнички листи во 53 општини и во градот Скопје, со кандидати за градоначалници во Куманово и Центар.
(Соопштение на ЗНАМ)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

