Македонија
Лабудовиќ: Четири дена пред гласањето Герасимовски се фотографира со ракавици на рацете како чисти контејнери
Кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, упати повик до жителите на неговата општина да му ја дадат довeрбата на 2 ноември да ја води општината во следните четири години.
„Време е за промена во Центар. Резултатите од гласањето во првиот круг недвосмислено покажаа опозициско расположение во општината. Близу 2/3 од тие што излегоа на изборните места, гласаа против актуелниот градоначалник Горан Герасимовски. Затоа што сакаат промена на нештата, сакаат нешто ново, поинакво – а тоа значи нова визија, нова енергија, непресушна река на идеи и проекти за подобрување на секојдневниот живот на граѓаните. Но, и нивно активно учество во носењето на сите одлуки што во надлежност на општината, а значат суштинска промена – промена кон подобро за нив“, порача Лабудовиќ.
Актуелниот градоначалник, според него, ако имаше што да понуди, ќе го правеше тоа во континуитет за сите претходни четири години.
„А, не на еден месец пред изборите да поправа реквизити од детски игралишта, на четири дена пред гласање да се слика со ракавици на рацете како чисти контејнери и други слично популистички активности – допадливи за око, но со кои не се решава ништо“, рече тој.
Спротивно на тоа, Лабудовиќ нагласува дека припаѓа на нова генерација политичари кои кога ќе дадат збор – истиот и го исполнуваат. Верува дека искуството од работење во реномирани меѓународни компании ќе биде пресудно во имплементација на вистински системски и одржливи решенија со кои ќе се надминуваат сите проблеми во Центар, не кампањски, туку долгорочно.
Тој упати повик до поддржувачите на кандидатките кои испаднаа во првиот круг, Билјана Ивановска и Марија Среброва, но и до сите граѓани кои се уште се мислат дали да гласаат во вториот круг.
„Ги повикувам граѓаните да излезат што помасовно и да гласаат. Да го заокружат бројот 2. Само така ќе ја донесеме вистинската промена во Центар. Промена која ќе значи Центар да биде целосна спротивност од сегашната слика. Почиста, еколошки ефикасна, побезбедна, урбано и плански средена општина. Општина со светли улици, слободни тротоари, со нови катни гаражи и повеќе паркинг места. Општина која ќе биде шампион во транспарентност, нон-стоп достапна и отворена за граѓаните. Општина во која ќе „царуваат“ културата и спортот, во која од училиштата ќе направиме образовни оази, а на младите ќе им понудиме перспективност“, повика Лабудовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

