Македонија
Лакордов: Југоисточна Европа ги здружува силите против организираниот криминал
Нашата цел е јасна – заеднички да идентификуваме и пресретнеме високоризични пратки и патници преку аеродроми, копнени граници и пристаништа во регионот. Криминалните мрежи не познаваат граници, и затоа мораме да делуваме преку координирани акции засновани на темелни проценки, докази и најдобри меѓународни практики, истакна помошник директорот на Царинска управа за контрола и истраги, Влатко Лакордов, на регионалниот состанок на фокални точки и координатори на Меѓуагенциските гранични единици од Југоисточна Европа, во рамки на Заедничката акција на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за промовирање на владеењето на правото и доброто управување преку засилени мерки за гранична контрола на пристаништа и аеродроми во регионот.
„Овие предизвици бараат од нас да бидеме не само контролен орган, туку и аналитички, превентивен и оперативно-ефикасен безбедносен систем. Соработката не е опција – таа е предуслов за успех“, истакна Лакордов.
Преку навремена реакција на Меѓуагенциските гранични единици, додаде тој, само во делот на заложбите за спречување нелегална трговија со тутун и тутунски производи на граничен премин Меѓународен аеродром Скопје запленети се 682 штеки цигари, 29 килограми тутун за наргиле и 18 килограми режан тутун од патници кои се обиделе нелегално да ги пренесат кон Лондон.
Во два последни случаи, преку профилирање на сомнителни патници и размена на информации, спречени се обиди за шверц на вкупно 162 штеки цигари, кои требало да бидат пренесени кон Лондон преку аеродромите во Белград и Приштина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

