Македонија
Лашкоска: Споредбените анализи ни помагаат во дефинирање на приоритетите, перспективите и потенцијалот за конкурентност на Северна Македонија

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска го отвори настанот „Изгледите за конкурентност на Западен Балкан за 2024 година“ на кој беа презентирани специфичните клучни наоди за економскиот профил на нашата држава од евалуацијата спроведена во соработка со Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
– Од страната на МЖСПП, имплементираме многу проекти подржувани од ЕУ преку ИПА програмата, меѓу кои имаме и големи инфраструктурни проекти вклучени во националните стратегии, за кои е потребна здрава економија – истакна Лашкоска во своето обраќање.
Според неа, МЖСПП веќе има постигнато значителен напредок во областа на животната средина, но остануваат уште многу предизвици во спроведувањето на проектите и политките.
– Затоа алатката создадена од податоците пренесени од евалуцијата, ќе ни покаже во кои области ќе треба да ставиме приоритет. Таа евалуација ќе ни даде можност да се споредиме со другите земји од регионот, но и со земјите членки на ЕУ и ОЕЦД во правец на подобрување на нашите општи политики за владеење – рече заменик министерката.
На настанот се дискутираше за главните постигнувања и предизвици во економијата на нашата земја, за перспективите и потенцијалот за конкурентност на Северна Македонија, поттикнувањето на одржлив раст и забрзување на нејзиното приближување кон земјите членки на ЕУ и ОЕЦД.
Дискусиите беа насочени и кон економските перформанси во политиките за животна средина и споделувањето на најновите насоки и стандарди за политики на ОЕЦД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Орце Ѓорѓиевски ги лаже скопјани со EXIT

Орце Ѓорѓиевски уште еднаш покажува дека за него нема граница кога станува збор предизборната манипулација. Откако вети воз на кејот на Вардар и невозможен парк во Вардариште, сега смилисл нова манипулација дека фестивалот „EXIT“ кој најави дека нема веќе да се одржува во Србија се сели во Скопје, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје се обидува да ги излаже скопјани дека Скопје од следната година ќе стане нова дестинација на глобално реномираниот фестивал „EXIT“ – но под услов само ако тој победи на изборите.
„Секоја сериозна личност што го прочитала официјалното соопштение на организаторите на „EXIT“ може лесно да утврди: не постои никаква потврда за Скопје како фестивалска локација, ниту во 2025, ниту во 2026 година. Единствено што е објавено од страна на „EXIT“ е план за глобална турнеја со повеќе настани низ светот. Ѓорѓиевски, во обид да ги освои гласовите со лажни ветувања, свесно извртува дека од Србија се сели во Скопје. Фестивалот „EXIT“ и сега има свои спин-оф изданија, вклучително и во Струмица изминативе три години, тоа не значи дека фестивалот се преселил во Струмица. СДСМ го повикува Ѓорѓиевски веднаш да престане со манипулации и лажни ветувања. Градот Скопје заслужува вистински културни политики, а не евтини кампањски трикови за дневна употреба“, велат од СДСМ.
Македонија
Муцунски во дводневна посета на Стразбур

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Стразбур, Франција.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе присуствува и ќе се обрати на свечен настан организиран по повод Денот на независноста – 8 Септември.
Покрај тоа, предвидено е да оствари работни средби со генералниот секретар на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Деспина Хаџивасилиу, со вицегувернерот на Банката за развој при Советот на Европа, Томаш Бочек, со генералниот директор за човекови права и владеење на правото во Советот на Европа, Џанлука Еспозито, како и со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.
Македонија
Вработените во културата денес се сардисани од сите страни, реагира Синдикатот

Во месец август 2025 година вработените во културата го добија вториот удар – овојпат преку највисоките државни инстанци. Во својата кратка, но бурна историја, Колективниот договор за култура по втор пат се најде пред Уставниот суд, реагираат од Синдикатот на културата по преставката поднесена до Уставен суд со која како што велат се прави обид за скратување на стекнатите права на вработените во кутурата.
„Тешко е да поверувате дека околу нас постојат луѓе кои, немоќни да се изборат за сопствена подобра реалност, единствениот излез го гледаат во обидот да ја рушат реалноста и иднината на другите. Нивниот избор да тапкаат во место и да чекаат „некој друг“ да им го донесе подоброто утре, според нив, е модел кој сите треба да го следиме.
Суштината на претставката е следна: зошто вработените во културата би имале подобри права од останатите? Подносителот смета дека тоа е противуставно – дека Колективниот договор за култура ги става во понеповолна положба сите кои немаат такви права. Просечноста, па дури и потпросечноста, е парадигмата кон која, според него, сите треба да се стремиме. „Противуставно“ е, според овој став, тоа што 3.500 вработени во културата конечно почнаа да излегуваат од живата кал, добија вреднуван труд, донекаде и услови за работа, и зачеток на можности за напредок и доусовршување – темел врз кој цврсто ја градат својата нација.
Зад оваа мизерна претставка, насочена против илјадници културни работници, основано се сомневаме дека стојат разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња, министерчиња и по некој “бивш синдикалец” во друго руво, кои преку погазување на другите се надеваат на личен напредок во кариерата. А има и такви за кои тоа не е прашање на кариера, туку на лична фрустрација и омраза кон туѓата стабилност. Секоја сличност со старата македонска поговорка – не е случајна.
Не се случајни ниту обидите за поткопување на правата стекнати со Општиот колективен договор и кратењето на 3% од оние 10% кои ги доби целиот јавен сектор. Вработените во културата денес се сардисани од сите страни“.
Овие денови, нагласуваат од синдикатот, огромен број луѓе работеле интензивно на одговорот до Уставниот суд.
„СКРМ го поднесе одговорот од името на сите вработени во културата – едни директно засегнати, други згрозени од мотивите на неколку поединци кои се обидуваат да срушат нешто за кое културните работници се бореа со години. Во таа борба вложија труд адвокати, членството, претседателите, претставниците – сите трпеливо и макотрпно, исто како и досега, фанатично бранeјќи ги правата од секој напад на недобронамерниците.
Знаеме дека премиерот Мицкоски е свесен дека „културата е темелот врз кој се гради една нација“ – негови лични зборови. Но исто така знаеме дека кога ќе станете функционер, особено премиер, меѓу вас и народот се спушта стаклено ѕвоно, зад кое информациите стигнуваат искривени – пренесени токму од разно-разни чиновничиња, службеничиња, советничиња, раководителчиња, државни секретарчиња и министерчиња. Поради нив, кои случајно дошле до своите „пет минути“ и денес креираат највисоки политики во државата, културните работници не успеаја да дојдат до средба со премиерот, за да ја образложат својата позиција: одбрана на Колективниот договор и на стабилноста на културните работници – темелот врз кој се гради културата“.
Затоа, како што потенцираат во реакцијата, ги повикуваат судиите на Уставниот суд да застанат во одбрана на Уставот и законите на Република Македонија – исто како што веќе еднаш постапија и сосема оправдано не поведоа иницијатива против Колективниот договор за култура, додаваат од таму.
„Вработените во културата не се со ништо поинакви од другите граѓани на нашата земја. Сите сме еднакви – и пред законите, и пред Уставот. На вас ви посакуваме успех во вашата борба за права, а ние продолжуваме да ги браниме нашите, со сите средства што ни стојат на располагање“.