Македонија
„Лајка“ го прослави четвртиот роденден

Јавното претпријатие „Лајка“ на 20 октомври 2024 година заедно со граѓаните, удомувачите и сите подржувачи го одбележа својот 4. роденден.
„Задоволство ни е да информираме дека во овие 4 години јавното претпријатие ‘Лајка’ работи по единствената докажана и хумана програма за намалување на бездомните кучиња на улиците и има заловено и третирано вкупно 3.700, од кои 850 си го нашле својот дом. Сите овие години ЈП ‘Лајка’ активно работи и на едукација и на промовирање и подигање на јавната свест за одговорно сопствеништво на домашните миленици.
Сакаме да ја искористиме оваа пригода да им се заблагодариме на сите што дојдоа на нашата скромна прослава, а особено ни е драго што секоја година бројот на нашите поддржувачи се зголемува, што укажува дека граѓаните ги препознаваат важноста на работата и активностите на претпријатието како посебен јавен интерес.
Особено сакаме да им се заблагодариме на хуманите граѓани, кои ги отворија своите домови за кучињата – миленици од ЈП „Лајка“ и одлучија да удомат бездомно наместо да купат куче и со тоа не само што покажаа огромна хуманост и етика туку станаа и позитивен пример во решавање на овој општествен проблем.
Огромна благодарност упатуваме и до здруженијата за заштита на животните, со чија помош значителен број на кучиња си го најдоа домот надвор од границите на нашата држава.
ЈП „Лајка“ ќе продолжи со уште поголем мотив да соборува рекорди и се надеваме дека уште многу години ќе биде достоен сервис на граѓаните и пример за хумано и етичко третирање на бездомните кучиња, кои не по своја вина се на улиците на Скопје“, велат од „Лајка“ по повод роденденот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Родители протестираат за бесплатен превоз за средношколците наместо поскапо сместување во дом, МОН смета дека решениeто е во интерес на учениците

Законското решение кое го регулира превозот на учениците е ново, заеднички изработено со сите засегнати чинители и претставува одговор на детектираните предизвици во минатото, велат од Министерството за образование и наука, по протестот на родителите од Демир Хисар, кои бараат бесплатен превоз за учениците од стручните училишта во Битола, и се чувствуваат уценети со престојот во ученичкиот дом.
„До лани реакциите беа дека учениците кои се запишани во средните училишта надвор од нивното место на живеење, губат многу време во патување, а со тоа и губат време за настава и учење. Поради превозот, односно утврдени термини за тргнување и заминување од училиште го пропуштаа почетокот на наставата или последните часови. Сега со новиот закон се надминува овој проблем, им се овозможува на учениците да бидат сместени во ученички домови и да имаат доволно време за тоа што им е основна обврска – учењето и совладувањето на наставната материја“, велат од Министерството во одговор за „Макфакс“, уверувајќи дека основа на решението се најдобрите интереси на учениците.
„Макфакс“ го праша МОН и дали има проценка колку семејства со повеќе деца ќе бидат директно погодени од оваа измена и дали е предвидена финансиска поддршка за нив, како и кои алтернативи им се нудат на учениците кои не сакаат да престојуваат во дом, а мораат да патуваат до училиште во друг град. Засега не се знае дали Министерството ќе ја преиспита оваа одлука, со оглед на тоа што, како што раскажуваат родителите, при уписот поднеле и изјава дека детето е со превоз, без да бидат запознаени со измените на Законот.
За семејствата во овој крај од Македонија почетокот на школската година почна со протести. Порачаа дека со измените се ускратува правото на нивните деца на избор и бесплатен превоз.
Реагираат и на критериумите за прием во ученичкиот дом. Велат дека првично не биле примени ученици од пооддалечени општини, како Росоман, Демир Капија и Неготино, иако токму оддалеченоста би требало да биде најважен услов. „Подоцна, кога некои од нашите деца ќе се откажат од престој, тие по дифолт ги примаат оние што претходно биле одбиени. А нам, кои не сакаме децата да седат во дом, ни го укинуваат правото на бесплатен превоз,“ се пожалија родителите пред почетокот на школкската година во дописот до медиумите.
Според нив, со оваа одлука државата наместо да обезбеди еднаков пристап, наметнува дополнителни трошоци.
На вчерашниот протест најавија дека и во наредните денови ќе продолжат со протести и блокади на патот кон Битола, а ги охрабруваат и родителите од другите градови да им се приклучат за заедно да го изразат револтот и да се изборат за правата на децата.
Според оваа измена, учениците кои се запишани во средните училишта во Битола мора најпрвин да аплицираат за место во ученички дом. Во моментов, околу 100 ученици од Демир Хисар учат во Битола, а родителите предупредуваат дека со измените на Законот им се скратува правото на децата да изберат струка која ја нема во нивниот град – како медицинска, економска или техничка. Во Демир Хисар има само едно средно училиште, и тоа со два смерови општа гимназија и компјутерска автоматика. Измените ги засегаат и учениците од селата и градовите од регионот, меѓу кои Ресен, Крушево, Могила, Новаци и други.
„Макфакс“ претходно денес испрати прашања и до Општина Демир Хисар, меѓу кои и тоа дали дали Општината може да обезбеди привремена поддршка за учениците (субвенција за превоз, посебна линија) додека не се најде трајно решение. Прашања беа испратени и до Општина Битола, но до моментот на објавувањето на овој текст, не е пристигнат одговор.
Македонија
Арсовска за пресудата: Ова е победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка

Судот денес го прогласи за виновен Сулејман Љамалари кој ја нападна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и му изрече казна затвор во траење од 2 две години.
По пресудата, се огласи Арсовска која кажа дека ова е системска победа за жртвите на насилство, за секоја жена и мајка, за напад кој претставуваше и атак врз институцијата градоначалник.
„Насилникот не покажа ни трошка каење за стореното, со својот однос континуирано се исмеваше со судот и јавноста. Дури се обиде жртвата да ја претстави како напаѓач, а себеси иако е насилник да се претстави дека бил тепан од жена“, рече Арсовска.
Македонија
Забраната за движење во шумите се продолжува до 30 септември

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја известува јавноста дека забраната за движење во шумите и шумското земјиште се продолжува до 30 септември 2025 година и ги повикува граѓаните на посебна претпазливост со цел спречување на појава на пожари на отворен простор.
Министерството ја потсетува пошироката јавност дека и во периодот кој следи не е намалена опасноста од појава на пожари на отворен простор. Граѓаните треба да бидат особено внимателни бидејќи, поради високите температури ризикот од појава на пожари на отворен простор сè уште е голем.
„Од суштинско значење е јавноста да ги разбере опасностите, како и последиците од појавата на пожари на отворен простор и со своето однесување да придонесе кон заштита и зачувување на шумите, односно животната средина, имотите и заедниците во целина“, велат од Министерството.
За непочитување на оваа целосна забрана за движење во шумите и шумското земјиште, на физички лица кои ќе се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.