Македонија
„Ла Верита“: Катица Јанева е осудена да стане громобран за сите судии и политичари вклучени во системот за изнуда
Италијанскиот весник „Ла Верита“ најавува дополнителни докази кои потврдуваат директна контрола од страна на државниот врв врз активностите за изнудувањето во оној момент кога ќе биде обезбедена безбедност на изворите. „Дотогаш Катица Јанева изгледа дека е осудена да стане громобран за сите оние судии и политичари, кои се инволвирани во скандалозниот систем за изнуда и погрешно раководење со државата за време на мандатот на Заев“, пишува во денешното издание на италијанскиот весник кој прави пресек на случувањата во земјата за аферата „Рекет“ и приведувањето на специјалната обвинителка Катица Јанева.
„Сега на сите им е јасно дека сè до нашата интервенција овој материјал не бил земен сериозно предвид од страна на обвинителскиот врв предводен од Рускоска, жената што не случајно Зоран Заев сакаше да го заземе местото на Катица Јанева и да продолжи со работа. Доказ за тоа дека Зоран Заев во Македонија го контролира и судскиот систем, дел од новинарскиот и секако политичкиот, се фактите што следуваа во последните денови.
Семоќниот човек се обиде да ја дискредитира нашата работа, секогаш посветена кон потрага по вистината, обвинувајќи нè дека сме сакале да го саботираме патот на Македонија кон ЕУ и НАТО. Неговите обвинувања се распаднаа како кула од карти со оглед на тоа што е потврдено дека нашиот весник од секогаш ги бранел северноатлантизмот и здравиот европеизам како важни вредности во општеството. Но, фактот дека тој (Заев) манипулира како ќе посака со судскиот систем го потврди, по психолошкиот пресврт во Македонија – по нашите откритија, ексминистерот за правда од редовите на ДУИ, Блерим Беџети, кој рече дека во минатото Заев честопати му барал да влијае кај членовите на Судскиот совет со цел да изберат нов претседател на важен суд, поприспособлив на барањата на премиерот“, пишува понатаму италијанскиот новинар Ларис Гајзер во весникот „Ла Верита”.
На 8 август на интернет-страницата на „Ла Верита“, Гајзер во неколку продолженија објави видео и аудиоснимки за случајот „Рекет“.
„Камчев потврди, а тоа беше потенцирано и од нас, дека првите докази против Јанева беа презентирани пред повеќе од еден месец пред приведувањето на Боки 13. Повеќе од еден месец на Јовески, а особено на Рускоска, им беше потребно да побараат притвор за специјалната јавна обвинителка. Еден месец во кој можеа да бидат уништени докази, да се влијае врз фактите и врз сведоците. Јасно е дека целиот овој систем би можел да биде објективно критикуван најмалку за негрижа, ако не и за малициозно соучесништво“, пишува Гајзер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

