Македонија
ЛДП бара средба на коалициските партнери за да се разговара за ЕУ-перспективите
ЛДП бара средба на коалициските партнери за да се разговара за ЕУ-перспективите. Партијата соопшти дека на вечерашната седница Извршниот одбор ја разгледал актуелната состојба во земјата по блокадата од страна на бугарската влада за одобрување на преговарачката рамка за пристап на РС Македонија во ЕУ.
Извршниот одбор на ЛДП изразил големо задоволство за недвосмислената јавна поддршка од страна на евролибералите, како и на сестринската партија ДПС од Бугарија, кои врз основа на споделените европски либерални вредности се залагаат за решавање на отворените историски прашања надвор од преговорите за членство во ЕУ. За ЛДП, членството на Македонија во ЕУ останува врвен национален приоритет врз основа на критериумите од Копенхаген, притоа почитувајќи ја реалноста за македонскиот идентитет и национална посебност, втемелени во двата Илиндена од 1903 и 1944, како и референдумот за независност од 1991 година.
ЛДП бара средба на коалициските партнери за да се разговара за ЕУ-перспективите, особено во контекст на ветото од Бугарија и интервјуто на премиерот за „Бгнес“. Партијата се залага за решавање на сите отворени прашања преку отворен дијалог, врз основа на заемно почитување, споделени вредности и презентација на потврдени факти.
„ЛДП инсистира на доследно почитување на ратификуваните меѓународни договори, кои ги обврзуваат договорните страни, потсетувајќи дека сите постојни договори го потврдуваат несомненото постоење на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската култура. ЛДП го осудува говорот на омраза, особено на неприфатливиот говор, кој го негира самоидентификувањето на секоја личност и на секој колективитет, вклучително и понижувањето на македонскиот народ и македонската нација. Ги поттикнуваме историчарите во поставените меѓудржавни комисии, но и генерално во регионот, на интензивна соработка во утврдувањето на неоспорните историски факти и за нивно преточување во заеднички историски наративи следејќи го франко-германското искуство, кои ќе водат кон приближување на народите наместо да предизвикуваат чувства на пониженост и подреденост“, се вели во соопштението.
Во него се додава дека ЛДП ќе продолжи да се залага со сите политички и законски средства за зацврстување на македонскиот културен, јазичен, национален и историски идентитет во земјата и странство, истовремено грижејќи се за промоција на сите културни, јазични и етнички различности во нашата земја.
ЛДП нема да ги коментира изјавите на дел од бугарските политичари до завршувањето на изборите бидејќи нема намера да им помага во градењето на нивниот рејтинг заснован на шовинистичка и националистичка реторика. Партијата ги повикува партнерите во ЕУ да ги изолираат овие националистички политики, а пријателите и државјаните на Бугарија на следните избори со својот глас масовно да ги поразат овие политичари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

