Македонија
Левица: Антикорупционерката Ристовска крие имот – Дали ДКСК ќе почне со чистење од сопсвениот двор?
„По разобличувањето на октоподската мрежа во Државната комисија за спречување на корупцијата и улогата на Цвета Ристовска во заташкување на чувствителни предмети и амнестирање на функционери од ДПМНЕ, денес отвораме уште посериозен и поалармантен аспект: Членката на Антикорупциската комисија, Цвета Ристовска, иако согласно Закон е должна да поднесе навремен, вистинит, детален, целосен анкетен лист со сиот свој имот, но и со имотот на нејзиното семејство – самата свесно го прекршила Законот!“, велат од партијата Левица.
„Согласно закон, секој функционер е должен да поднесе точен, целосен и вистинит анкетен лист за својот имот и имотот на членовите на семејството. Тоа важи двојно за член на ДКСК – институција која изрекува прекршочни санкции и поведува постапки токму за непријавување, прикривање или неточно пријавување на имот!
Сепак, Цвета Ристовска, иако била должна, не ги пријавила фирмите на своите деца во анкетниот лист. И не станува збор за формална грешка, туку за свесно изоставување на податоци кои законски морале да бидат внесени, а образецот на анкетниот лист содржи токму такви полиња!
Оттука, логично се наметнува прашањето: Дали Цвета Ристовска ќе се казни сама себе? Или, како и во сите случаи поврзани со власта на ДПМНЕ, така и овој таа ќе го затвори, релативизира или „заглави“ во некоја фиока?
Станува збор за членка на тело кое во изминатиот период систематски ги амнестираше од одговорност функционерите на ДПМНЕ – од сомнителни дипломи, преку судир на интереси, до милионски тендери… и секогаш „не се наоѓаше ништо спорно“. Денес истата таа членка се соочува со факт дека самата го прекршила Законот.
Ова повеќе не е само институционален пропуст, туку многу повеќе е прашање на интегритет и кредибилитет. Антикорупциска комисија во која член што затвора предмети за власта, во исто време прикрива сопствена имотна состојба, не е чувар на јавниот интерес, туку дел од партиско-коруптивниот механизам.
Левица јавно прашува: Ќе има ли истрага и за Цвета Ристовска? Ќе важи ли законот и за оние што треба да го спроведуваат? Или октоподот ќе продолжи да ги штити своите пипци, дури и кога тие седат во самото срце на „антикорупцијата“? Дали ДКСК планира најавените контроли да ги започне од сопствениот двор“, прашуваат од партијата Левица, преку писменото соопштение и најавуваат дека утре ќе обзнанат и „зошто Цвета Ристовска свесно ги прикрила овие фирми“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)
Македонија
СДСМ-Кисела Вода бара итна исплата на надоместоците за избирачките одбори
Општинската организација на СДСМ-Кисела Вода од градоначалничката на оваа општина бара итно постапување по одлуката на Советот на Општина Кисела Вода од 7-та пленарна седница одржана на 29 јануари 2026 година, со која е предвидена исплата на надоместоците на членовите на избирачките одбори од последните локални избори.
Во писмото се наведува дека одлуката е донесена, средствата се обезбедени, но дека изостанува извршната постапка.
„Одлуката е донесена. Обврската е јасна. Средствата се обезбедени. Она што недостасува е – Ваша извршна постапка“.
Од СДСМ – Кисела Вода порачуваат дека станува збор за средства обезбедени од државата за реализација на изборниот процес и оценуваат дека секое понатамошно одлагање претставува поткопување на институционалниот интегритет.
Тие бараат најдоцна до утре да се пристапи кон исплата на средствата согласно одлуката на Советот.
Во спротивно, советничката група на СДСМ најавува испраќање официјален допис до Државната изборна комисија, известување до Министерството за локална самоуправа и информирање на претставници на меѓународната заедница.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.

