Македонија
Левица бара вонредна седница: Трудот на работниците во „Флораком“ и „Луна“ мора да биде исплатен
„Работниците во друштвата основани од ЈП Паркови и зеленило Скопје – Флораком ДООЕЛ и Луна ДООЕЛ – веќе три месеци немаат земено плата. Работничките организации при овие две друштва, пред одржувањето на вонредната Седница на Советот на Град Скопје, која се одржа на 17-ти јануари, до сите координатори на советничките групи во Советот како и до Градоначалникот на Град Скопје, испратија барање за овој нивен проблем да се најде на дневниот ред на веќе закажаната 17-та седница на Советот на Град Скопје“, велат од Левица.
„Но, очигледно никој од буржоаските партии во Советот не беше заинтересиран за решавање на овој проблем па оваа точка не се најде на дневен ред воопшто. Поради тоа што седницата беше закажана како „вонредна“ Претседателот на Советот, проф. Трајко Славевски, не даде можност да се надополни дневниот ред.
Оттука, веднаш после Седницата, нашите советници во Советот на Град Скопје, потегнаа иницијатива, односно барање за свикување на вонредна седница на Советот на Град Скопје со една точка на дневен ред: Донесување на Одлука за одобрување на субвенции за потешкотии во работењето на ЈП Паркови и зеленило Скопје со намена за деблокада на сметката заради исплата на неисплатените плати.
Според стаутот на Град Скопје, за свикување вонредна седница потребна е поддршка од најмалку 1/3 од членовите на Советот, односно согласност од најмалку 15 советници. Ова барање е доставено до сите советнички групи во Советот на Градот Скопје, да се надеваме дека советниците ќе се одважат и нема да ја попречат можноста на Советот да се расправа за проблемот на работниците во Флораком и Луна при ЈП Паркови и зеленило и да се изнајде решение во корист на работниците!“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Како членка на НАТО, не ни прилегаат технички влади, а предвремените избори носат нестабилност, рече Гаши
Претседателот на Собранието Африм Гаши изјави дека е поборник на идејата за одржување редовни избори, оценувајќи дека честите предвремени избори создаваат политичка и економска нестабилност.
На брифинг со новинарите, Гаши посочи дека мандатите треба да се завршуваат до крај, а граѓаните да ги оценуваат политичките субјекти според реализираните ветувања. Тој нагласи дека одлуката за избори ја носат пратениците, односно политичката волја на 61 пратеник.
Во однос на Пржинската влада, Гаши оцени дека, како стабилна држава и членка на НАТО, Северна Македонија нема потреба од технички влади за организирање избори, посочувајќи дека изборните процеси во последниот период поминуваат без сериозни забелешки.
Гаши информира дека на координацијата со координаторите на пратеничките групи повикал на усогласување за изборот на Народниот правобранител, нагласувајќи дека постапката е доведена до пленарна седница и дека таа ќе биде свикана штом ќе има политички договор.
Тој соопшти и дека Собранието чека допис од министерот за правда Игор Филков за формирање работна група за Изборниот законик.
Во однос на наводите од СДСМ дека не бил испратен допис за Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, Гаши рече дека тоа не е точно и дека пратеничките групи треба да ги достават своите предлози до Комисијата за избори и именувања.
Македонија
(Видео) Левица бара укинување на Регулаторната комисија за енергетика
Левица предлага укинување на Регулаторна комисија за енергетика и префрлување на нејзините ингеренции на Министерството за енергетика, истакана Амар Мециновиќ, пратеник и потпарол на Левица на денешната прес-конференција, оценувајќи дека постојниот модел ја продлабочува енергетската сиромаштија и овозможува прелевање на јавни пари во приватни џебови.
„Во период кога струјата постојано поскапува станува сѐ појасно дека нашата енергетска сиромаштија ги окупира животите на нашите граѓани. Потребно е веднаш да се реагира во законската материја. Енергетиката не е технократска играчка туку е основа за нормален и квалитетен живот. Тоа е јавен интерес од највисок ред“, порача Мециновиќ.
Од Левица посочуваат дека илјадници семејства живеат во енергетска сиромаштија додека цените на струјата растат, јавните претпријатија тонат во долгови, а приватните електродистрибутери остваруваат континуирани профити.
„Овој систем не е случаен туку е резултат на континуирани избори скриени зад маската на независноста на РКЕ. Така нареченото независно тело РКЕ со години функционира како штит за интересите на ЕВН и на сите други приватни електродистрибутери, а не како заштитник на граѓаните“, рече Мециновиќ и додаде дека „невидливото политичко влијание е најопасното за граѓаните“.
Како клучен елемент за укинувањена РКЕ Левица ја наведе потребата од јасна политичка одговорност.
„Предлагаме укинување на РКЕ, за да постои политичка одговорност. За да може да се повикаат на политичка одговорност нашите премиери, нашите министри, кога сметките растат вртоглаво“, беше нагласено на прес-конференцијата.
Исто така од партијата посочија дека ЕСМ континуирано работи со загуби, додека ЕВН остварува вртоглави профити, што според нив е директан последица на одлуките на Регулаторната комисија.
„Јавниот интерес се уништува, струјата постојано поскапува затоа што ова не е слободен пазар туку систем за прелевање на јавни пари во приватни џебови. Јавните претпријатија беа втурнати на слободен пазар со одлука на РКЕ и наместо стабилност добивме хаос во кој приватните профитираат, а јавните се ослабени и тонат во долгови“.
Како пример за спорни одлуки ја посочија улогата на РКЕ во изборот на ЕВН Хоум за универзален снабдувач, дозволувањетопаушални фактури без отчитување на броилата како и воведувањето скалесто тарифирање.
„Скалестото тарифирање е социјално праведно само ако има сто отсто отчитување на броилата. Се друго е казнување на сиромашните“, рече Мециновиќ додавајќи дека долгот на ЕСМ надминува над 200 милиони евра.
Посебно беше нагласена и мрежарината од 200 денари за сите 600 000 домаќинства. „Преку ова на месечно ниво ЕВН добива 2,1 милион евра, кои на годишно ниво се претвараат во 25 милиони евра. За осум години, доколу никој во Македонија не запали сијалица, ЕВН ќе оствари добивка од 200 милиони евра, колку им требаше ЕВН да го купат од нас“, посочи Мециновиќ.
Како илустрација за судирот на интереси, од партијата го посочија примерот со поранешниот претседател на РКЕ, Димитар Попов. „Тој претходно беше член на ВМРО – ДПМНЕ како што Бислимоски беше член на СДСМ. Пред изборот за претседател, Димитар Попов беше раководител на ХЕЦ во Ѓорче Петров во ЕВН. По завршување на мандатот, откако искористи една ипол година апанажа и повторно беше вработен во ЕВН на менаџерска позиција. Прашањето е очигледно: За кого работел претседателот на РКЕ помеѓу неговиот ангажман во ЕВН? За кого работи денеска Бислимовски?“, праша Мециновиќ.
На крајот од прес конференцијата Левица информираше дека ќе присуствува на најавената лидерската средба. „Како парламентарна партија која година ипол се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање на закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог. За нас е најбитно да се создаде демократска атмосфера за време на изборите и нашите барања ќе одат во таа насока“, истакна Мециновиќ.
Македонија
Општина Бутел обезбеди еднократна финансиска помош за ранливи категории граѓани
Општина Бутел и оваа година обезбеди средства за исплата на еднократна финансиска помош за најранливите категории на граѓани.
Како што информираат од Општината, финансиската поддршка е дел од програмата за социјална заштита за 2026 година и произлегува од изборната програма на градоначалникот Дарко Костовски, која континуирано се спроведува веќе пет години.
Поддршката е наменета за граѓани со здравствени проблеми, како и за сите други ранливи категории граѓани. Од Општина Бутел истакнуваат дека оваа мерка претставува подадена рака и исполнување на дадените обврски кон граѓаните.
Во соопштението се наведува дека градоначалникот останува посветен на креирање политики кои обезбедуваат заштита на најранливите категории, како и создавање средина со еднакви можности за сите граѓани, при што се нагласува дека предизборните ветувања се реализираат во практика.

