Македонија
Левица: Власта со европско знаменце за коридорите изгласа ропство
Вчера, на шверцерски начин, Сообранието ги изгласа предложените капиталистички измени на Законот зa работни односи. Со изгласаните измени, работниците ќе можат по барање на контроверзниот конзорциумот „Бехтел и Енка“ да работат и по 12 часа дневно, иако досега имаше ограничување на максимални 190 часа прекувремено во текот на една година, велат од политичката партија Левица.
„За да ја заобиколат активната блокада на пратениците на Левица, кои со над 1.000 амандмани го блокираа овој штетен закон, слугите на олигархијата, владата предводена од СДС и ДУИ овој закон го шверцуваа по скратена постапка со т.н европско знаменце – покрај реакциите на загриженост и опасност за корупција од страна на Европската Унија.
Со изгласаните измени се брише ограничувањето на максималниот број на прекувремена работа под плаштот на стратешки интерес. Изгласаните измени кои би требало да важат за работниците постои опасност да се пренесат и во други области. Со овие измени, СДС и ДУИ македонскиот работник го сведуваат на модерен роб, а земјава ја враќаат во средновековието, наспроти тенденциите во европските земји за скратена работната недела.
Левица беше единствената опозициона партија која со филибастеринг активно го блокираше овој штетен анти-работнички закон. Потсетуваме дека истата криминогена коалиција претходно експресно го одби предлогот на Левица за намалување на договорите за определено време, со цел заштита на работникот.
Се потврдува дека оваа анти-народна и квинслишка власт единствено одработува за туѓи интереси, на штета на сите национални и социјални придобивки кои македонскиот народ низ макотрпна борба ги стекнал“, се вели во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Охрид и Крушево го отвораат новиот циклус на ИПА III проекти за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес во Охрид го означи почетокот на реализацијата на два нови проекти одобрени во рамките на првиот повик на ИПА III Програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.
Настанот започна со воведни обраќања на Перински, Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, Еридана Чано, генерален директор на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош во Република Албанија, како и градоначалниците на Општина Охрид и Крушево, Кирил Пецаков и Нико Чонески.
Во рамките на настанот беа потпишани два договори за национално кофинансирање меѓу Министерството за локална самоуправа и носителите на проектите, како и Договорот за партнерство за техничката помош на Програмата за прекугранична соработка со Албанија, во висина од 500.000 евра.
„Овие две нови инвестиции во вкупна вредност од повеќе од 1.6 милиони евра ќе придонесат за создавање одржлив туристички производ, кој ја спојува природата, културата и автентичноста на целиот регион.“, истакна Перински.
Проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ е во рамките на тематски приоритет 1 – Заштита на животната средина и подигнување на отпорноста на регионот, додека пак проектот „Крушево и Елбасан – патување низ природата и авантурата“ е во рамките на тематски приоритет 2 – Развој на одржлив туризам и заштита на природното и културното наследство.
„Министерството за локална самоуправа, како институција надлежна за спроведување на прекуграничните програми со сите соседни земји, продолжува активно да работи на отворање нови можности за искористување на финансиската поддршка што Европската Унија ја става на располагање за регионален развој, интеграција и соработка“.
Македонија
Николоски – Тигањ: Фокус на Владата се инфраструктурните проекти, регионот може да напредува преку економската соработка
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Хрватска, Нивес Тигањ.
На средбата Николоски ја потенцираше можноста за интензивирање на економската и трговска соработка меѓу Македонија и Хрватска во интерес на двете земји.
Тој ги презентираше инвестициските планови на Владата за изградба и модернизација на патните и железнички Коридори 8 и 10, како дел од европските транспортни мрежи.
Посебен фокус на средбата се стави на изградба на брзата пруга на Коридор 10, како предуслов за брз и ефикасен транспорт на добра кон Централна и Источна Европа, нагасувајќи ја можноста за учество на специјализирани компании од Хрватска во реализација на овој проект.
Двајцата говорници разменија и мислења околу актуелните политички прашања во земјава и регионот, евроинтегративниот процес и стабилноста на Западен Балкан.
Вицепремиерот Николоски и амбасадорката Тигањ ги потврдија одличните односи меѓу Македонија и Хрватска и се согласија истите да продолжат да се оддржуваат на високо ниво во интерес на меѓусебната соработка и пријателство меѓу двете земји.
Македонија
26 малолетници затекнати по 24 часот, од нив 14 под дејство на алкохол при контрола во угостителски објект во Свети Николе
Ноќеска во 00.10 часот, полициски службеници од СВР Штип – ОВР Свети Николе, во содејство со инспектори од Дирекција за заштита и спасување, Државен пазарен инспекторат, Управа за јавни приходи, Државен трудов инспекторат и Центар за социјални работи, извршија контрола во угостителски објект во Свети Николе, соопшти МВР.
При контролата, во угостителскиот објект биле затекнати 26 малолетни лица после 24:00 часот, од кои 14 беа под дејство на алкохол.
Според полицијата, по целосно расчистување и документирање на случајот, ќе следуваат соодветни пријави против одговорните лица.
„Воедно, од другите ангажирани инспекциски служби утврдени се низа прекршоци за кои ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“.

