Македонија
Левица: Додека функционерите уживаат во луксуз, секое трето дете во Македонија живее во сиромаштија
Секое трето дете во Република Македонија живее во сиромаштија – ова го потврди извештајот на УНИЦЕФ којшто беше објавен вчера, по повод 17 октомври – Меѓународен ден за борба против сиромаштијата. Извештајот содржи фрапантни податоци, огромен број на деца во државава се без здравствена заштита, топол оброк, обувки и облека, велат од Левица.
„Енормниот раст на цените на основните прехранбени продукти, високата стапка на невработеност, високите цени во градинките, минимална плата која не е ускладена со инфлацијата се само дел од причините за ваквиот исход. Условите за стекнување на детски додаток се престроги и ретко кој може да го оствари ова право.
Од друга страна, пак, функционерите, оние кои треба да се борат за социјална правда и благосостојба на сите граѓани, а со тоа и на децата, трупаат енормни приходи, недвижнини и акумулираат милионски суми на име патни и други нерационални трошоци. Додека во анкетните листови ги прикриваат имотот со кој располагаат, фирмите во странство и огромните профити, јавноста ја убедуваат дека државата не може да одвои повеќе средства за социјални политики, целосно бесплатно образование, бесплатни градинки и оброци за децата во воспитно – образовните установи.
Македонија по Устав е социјална држава, но дивиот капиталистички систем на управување и алчноста на политичките елити, целосно ја занемаруваат оваа определба на уставотворецот. Ја повикуваме Владата под итно да изнајде решение за кратење на нерационалните трошоци на функционерите и нивна пренамена за сузбивање на детската сиромаштија. Држава во која секое трето дете живее во сиромаштија, неопходно треба да спроведе даночна реформа, да изврши прераспределба на буџетските средства и да овозможи еднакви можности и пристоен живот за секое дете“, стои во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Сарај и високата зона во населба Ѓорче Петров
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради дефект на затварач со пречник од Ф-350 мм на ул. 20 во нас. Сарај, од 07:30 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Лака, Крушопек, Грчец, Шишево, Глумово, Горна и Долна Матка, Арнакија, Љубин и село Сарај, (Општина Сарај) и високата зона, односно повисоките катови од зградите во населба Ѓорче Петров.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 09:30 часот, објектот на ДОГАН ИНВЕСТ ДООЕЛ-СКОПЈЕ, односно објектот на Форд на самата раскрсница булевар Македонско-Косовска Бригада со булевар Босна и Херцеговина. (Општина Бутел)
Македонија
Продолжува периодот на стабилно и релативно топло време за овој период од годината
Сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 11 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на стабилно и релативно топло време за овој период од годината. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.

