Македонија
Левица: Османи и Симовски да објаснат за скандалот со веќе внесените матични броеви при попишување на дијаспората

Политичката партија Левица соопшти за реакцијата на повеќе македонски иселеници кои при обидот за внесување матичен број добиле известување дека матичниот број веќе е внесен во апликацијата – иако прв пат се регистрирале.
Од партијата нагласуваат дека ова претставува сериозен пропуст, затоа што се работи за лични податоци чиј пристап е заштитен со закон и каква било злоупотреба на истите претставува кривично дело. Бараат објаснување од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
„Се поставува прашањето дали поради слабиот одзив за попишување во дијаспората, Владата се обидува со фалсификување податоци вештачки да ја зголеми бројката на попишани лица?
Фактот дека се работи за апликација која беше креирана преку донација од бугарска фирма, чиј претставник во Македонија е поранешна советничка на Кочо Анѓушев, уште повеќе ги зголемува сомнежите за политички договори околу пописот. Во самата методологија на пописот, меѓу другото, не постои дистинкција помеѓу резидентно и нерезидентно население, поради што се сомневаме дека власта ќе ги злоупотреби бројките на нерезидентното население за да прикаже поголема популација од реалната.
Ова е уште еден непоколеблив показател дека Владата предводена од СДСМ со сите методи и злоупотреби се обидува политички да профитира од пописот и затоа Левица одбива да учествува во нелегитимен и нелегален попис, кој има за цел единствено да ги задоволи апетитите на владејачката коалиција“, наведува политичката партија преку соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ призна дека ги прислушкувал Мицкоски, новинари и бизнисмени, вели Петрушевски

СДСМ призна дека го прислушкувал и го следел претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Претеникот Бране Петрушевски истакна дека ова признание открива целосно злоупотребување на државниот апарат за политички цели.
„СДСМ прво тврдеше дека не прислушкувале и не следеле никого, а сега, преку ова признавање, се обидуваат да ја свртат приказната за 180 степени со глупи тези за наводната содржина на материјалите“, изјави Петрушевски.
Според него, признанието на СДСМ ги потврдува двете клучни точки:
– „Прво, го следеле и прислушкувале претседателот Мицкоски.“
– „Второ, иако прислушкувале пет години, велат дека не нашле ништо спорно или противзаконски. Доколку нешто било спорно, велат, ќе отвореле постапка одамна“.
„Со ова, СДСМ го дава најголемиот доказ дека целиот државен апарат бил ставен во функција за тие да опстанат што подолго на власт“, рече Петрушевски.
Тој додаде дека Јавното обвинителство не смее да молчи.
„Очекуваме веднаш акција и разрешница. Нема време за одлагање кога станува збор за ваква злоупотреба на институциите“, истакна пратеникот.
Петрушевски нагласи дека ваквиот скандал не смее да остане неказнет, и дека граѓаните очекуваат одговорност од сите кои учествувале во прислушкувањето.
Македонија
Учениците се оставени без учебници, родителите печатат материјали од Вибер, реагираше СДСМ

Образовниот систем во Македонија ја почна хаотично новата учебна година, откако се покажа дека учениците немаат учебници, иако од ВМРО-ДПМНЕ го ветуваа спротивното.
„Иако во предизборните ветувања беше кажано дека сите ученици ќе добијат нови учебници, вистината е сосема поинаква. Самата министерката Јаневска призна дека учебници нема, иако се потрошени над 11 милиони евра од буџетот на граѓаните“, истакнуваат од СДСМ.
Недостасуваат учебници за математика и историја за 8-мо одделение, а родителите се приморани да печатат материјали од Вибер-групи. Проблемот е уште поголем за стручните училишта, каде што цели генерации немаат учебници по управно, процесно, правно и државно уредување.
„Учебници има само за најмалите ученици, од прво до трето одделение, додека за четврто и петто одделение ситуацијата е катастрофална. Одговорноста за овој хаос е кај министерката Јаневска и премиерот Мицкоски. Тие излажаа и ги изневерија учениците, родителите и наставниците“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ваквите состојби не смеат да се повторуваат и повикуваат на итна интервенција за обезбедување учебници за сите ученици.
Македонија
Ѓолека, Јаоски и Азизи влегуваат во трка за градоначалници, сподели Али Ахмети

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, вчера ја свика 23-та седница на Централното претседателство на партијата, каде се дискутираше за актуелните политички случувања, мобилизацијата на Националната алијанса за интеграција и претстојниот референдум закажан за 19 октомври.
На седницата едногласно беа усвоени три нови кандидатури за градоначалници: Фламур Ѓолека за Долнени, Али Јаоски за Пласница и Исамедин Азизи за Бутел.
„На 19 октомври народот ќе го врати достоинството и ќе ја потврди својата историска улога. Убеден сум дека ќе извојуваме плебисцитарна победа која ќе биде наша заедничка гордост“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на состанокот.
ДУИ најавува дека е во завршна фаза на селекција на сите кандидатури со кои Националната алијанса за интеграција ќе настапи на локалните избори.
„Сите сме на нозе, сите сме мобилизирани за победа, ова не е само партиска битка, туку битка за достоинството и иднината“, стои во соопштението на партијата.