Македонија
Левицата поднесе кривична пријава против Христијан Пендиков за повреда на угледот на Македонија
Политичката партија Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Охрид против Христијан Пендиков во својство на генерален секретар на здружението „Цар Борис III”.
Од партијата велат дека Пендиков, во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дава лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Имено, пријавениот во контроверзното интервју ги изнесува познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден ист народ”.
Со ваквата изјава, како што велат од Левицата, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејство директно насочено кон разгорување национална омраза и нетрпеливост изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ги нејзината посебност и самобитност.
„Пријавениот се товари дека извршил кривични дела: повреда на угледот на Републиката – казниво по чл. 178 од КЗ; излагање на подбив на македонскиот народ – казниво по чл. 179 од КЗ; предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа – казниво по член 319 став 1 од законот.
Доколку се утврди практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредноста на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат сериозни и несогледливи штетни последици врз националните интереси и безбедноста во иднина“, велат од Левицата.
Во интервјуто за бугарската БТВ, Пендиков изјави дека и тој самиот не ги поднесувал Бугарите кога бил помлад и дека пред неколку години се разбудил и станал македонски Бугарин.
„За жал, во Северна Македонија е нормално да те тепаат, пцујат, плукаат затоа што си Бугарин. Полицијата не треба ништо да прави“, вели секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.
„Во Македонија учиме изменета, лажна историја, во која Бугарите се фашисти, Татари. Откако ја прочитав светската историја, откако прочитав за ВМРО и што е историја, сфатив“, рече Пендиков во интервјуто емитувано пред два месеца.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.
Македонија
Општина Илинден објави јавен повик за субвенционирање на велосипеди
Општина Илинден и оваа година објавува Јавен повик за доделување субвенции за набавка на велосипеди, во рамки на Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани за 2026 година.
Со мерката се предвидува еднократна парична помош за жителите кои имаат постојано место на живеење на територијата на општината, а кои ќе набават нов велосипед во периодот од 02 март до 30 април 2026 година.
Целта на повикот е поттикнување на користењето велосипеди како еколошко превозно средство, како и унапредување на сообраќајната култура и заштитата на животната средина.
Финансиската поддршка изнесува 50 проценти од вредноста на купениот велосипед, но не повеќе од 4.000 денари по лице. Барањата ќе се разгледуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, односно според датумот и времето на нивното пристигнување.
Сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да ги добијат на официјалната веб страница на Општина Илинден ([email protected]), како и во просториите на Општината.
Македонија
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари
Минималната плата се зголемува за 1.667 денари на 26.046 денари нето плата, соопшти министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Бруто платата за 2025 година беше 36.037 денари, а за 2026 година е 38.507 денари бруто односно 26.046 денари нето.
Дурмиши кажа дека со ова, платата се зголемува за 2.470 денари бруто односно за 1.667 денари нето.
Дурмиши појасни дека усогласувањето на минималната плата се врши секоја година во март врз јасно утврдена формула, 50 отсто од порастот на просечната нето плата исплатена од минатата година и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот според официјалните податоци од Ддржавниот завод за статистика.
Според објавените податоци, просечната исплатена нето плата бележи пораст од 9,6 проценти, додека индексот на трошоците за живот бележи пораст од 4,1 процент.

