Македонија
Левица: Премиерот со џемпери од по 2.000 евра барањата за минимална плата ги прогласи за „политичка агенда“
Левица го осуди настапот на премиерот Мицкоски, со кој легитимните синдикални барања за зголемување на минималната плата ги оцени како „политичка агенда“, како врв на цинизам и класна ароганција. „Кога носител на највисоката извршна функција, човек кој јавно и бесрамно демонстрира луксуз, држи лекции за нереалноста на барањата за повисоки примања на работниците, тоа е отворена демонстрација на класна ароганција и целосна отуѓеност од реалноста во која живее мнозинството граѓани“, се вели во соопштението на Левица.
Од партијата посочуваат дека економските показатели јасно ја демонстрираат владината политика. Левица посочува дека Македонија има најниска минимална плата во регионот, а 73 отсто од вработените земаат плата под просекот.
„Секој трет работник преживува со помалку од 30.000 денари месечно, а минималните трошоци за четиричлено семејство веќе надминуваат 66.000 денари. Во услови на и континуирана инфлација куповната моќ постојано се намалува и ги поништува законските номинални корекции на платите“, наведува Левица.
Левица ја обвинува владата дека наместо да преземе одговорност и да води активна политика за заштита на трудот, избирала конфронтација со синдикатите и нивна дискредитација.
„Стигматизацијата на синдикалното организирање и обидот борбата за егзистенција да се прикаже како ’партиска интрига’ е директен удар врз уставно загарантираното право на здружување и колективно дејствување“, реагира Левица.
Во соопштението се посочува и на масовна работна емиграција, при што над 50.000 граѓани работат во странство додека власта најавува увоз на евтина работна сила.
„Наместо да создаде услови за достоинствени плати, владата нуди поефтин труд. Во таков контекст, тврдењата за ’трета економска сила во Европа’ се пропагандна фикција што грубо ја навредува секоја фамилија која пресметува дали ќе може да ги покрие основните трошоци до крајот на месецот“, се наведува во реакцијата.
Според Левица политиките на ВМРО – ДПМНЕ се јасно класно одбележани.
„Приоритет имаат интересите на крупниот капитал и нивниот луксуз, а не трудот. Тоа е длабоко десничарска, антисоцијална политика! Барањето за повисока минимална плата е елементарно прашање на човечко достоинство. Сè друго е свесен обид да се зачува систем во кој малцинството живее во раскош, а мнозинството во несигурност и сиромаштија“, порачуваат од Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

