Македонија
Левица со „Македонски предлог – нацрт“ за решавање на кризата во Франција
Левица со загриженост ги следи настаните изминативе денови во Франција и изразува жалење за насилствата и негативните последици што ги имаат врз сигурноста и стабилноста на државата и народот.
Оттаму, ја истакнуваат потребата за мирен и демократски дијалог, каде сите страни можат да ги изразат своите ставови и да преговараат посветено за мирни решенија.
„Најостро ја осудуваме ескалацијата на состојбите и повикуваме двете страни час поскоро да најдат простор за дијалог како би се дошло до решение на кризата во овие моменти кога демократијата е цел на напади. Ја осудуваме полициската бруталност и прекумерна сила која се употребува врз народот кој го изразува своето демократско право на протест поради незадоволството од властите и третманот кон малцинствата, особено во оние реони од каде постојано стигнуваат поплаки за зголемена, систематизирана полициска бруталност врз сиромашната, работничка класа и малцинствата“, велат од Левица.
„Имено, само во изминатава година, забележани се 13 убиени лица откако биле запрени поради сообраќајни прекршоци. Долг период се истакнуваат овие поплаки за полициска бруталност и дискриминација во овие области, особено против домаќинствата со пониски приходи од работничка класа и малцинства.
Статистиките велат дека младите, на возраст од 14 години, во овие области, стереотипно се втурнуваат во технички средни училишта каде се обучуваат за физичка работа или послабо платени работни места, наместо во училишта во кои ги подготвуваат учениците за универзитет“, додаваат од Левица.
За да се постигне фер решение, Левица ја нуди својата помош како медијатор во процесот на преговори во улога на олеснувачи на процесот на помирување.
„Нудиме нацрт за предлог решение, односно т.н. „Македонски предлог“ до Франција, со цел прекин на немирите, водени од искуствата кои ги има државата Македонија:
Партиите се обврзуваат да обезбедат инклузивност во спроведувањето на овој договор преку консултации и координација со главните чинители во процесот;
Малцинските заедници Мароканци, Тунижани, Алжирци и останати народи кои се дел од колонизаторското минато на Франција, да влезат во Уставот на Франција како државотворен народ;
Јазик на кој зборуваат малцинствата од овие заедници и народи кои се дел од колонизаторското минато на Франција да се воведе на цела територија на Франција, како и во образовниот систем;
Нова територијална поделба во интерес на малцинските заедници и останати народи кои се дел од колонизаторското минато на Франција, во духот на демократијата и европските вредности;
Партиите се согласни да го стават интересот на државата на прво место и ја повторуваат нивната определба за истрајност и за почитување на демократските принципи, во интерес на сите граѓани и сите заедници во државата, согласни да преземат чекори за надминување на постојната криза.
Како партнери во градењето на заедничка иднина, силно апелираме Франција да остане на демократскиот колосек, а ние сме тука да помогнеме да го оствари тоа“, се додава во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

