Македонија
Левица: 𝟥𝟦 години независност – Македонија сѐ уште се бори за своите национални интереси

По повод одбележувањето 34 години независност, делегација на партијата Левица, составена од кандидатите за градоначалници на скопските општини – Марјан Димитриев (Аеродром), Александар Димитријевиќ (Ѓорче Петров) и Златко Тренчевски (Гази Баба) положи свежо цвеќе и се поклони на гробовите на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров, првиот премиер, Никола Кљусев и на вечното почивалиште на претседателот Борис Трајковски.
„Референдумот за независност на Македонија се одржа на 8-ми септември 1991 година. На Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани, односно 95,26% од оние кои гласале биле ЗА суверена и независна држава Македонија.
И овој 8 Септември потсетуваме дека уставното име на државата е Република Македонија! Потсетуваме дека референдумот од 30 септември 2018 за промена на уставното име беше неуспешен. Оттаму, Преспанскиот договор склучен од тогашната квислиншка власт и без потпис од претседателот – е НИШТОВЕН!!
Левица останува доследна на правото за самоопределување на народот и не ги признава империјалистички наметнатите договори спротивни на Повелбата на ООН, договори што го поткопаа суверенитетот на државата и го нарушија угледот на Македонците. Наместо вистинска независност, последниве 34 години добивме зависност од ЕУ и НАТО во спротивност на нашите национални интереси“, се наведува во соопштението на Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД извесуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 11.00 часот, корисниците од улицата Хо Ши Мин лоцирани на потегот од напојната трафостаница Бутел 2 до објектот бр. 287 Б. (општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има преодно стабилизирање на времето. Од среда кон крајот на денот се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд. Температурата ќе биде во значително опаѓање.
Македонија
Засадиле 100 семки канабис на нива во Пчиња, ОЈО отвори истрага

Започнати се постапки против дилери на марихуана во Велес и во Скопје, информираат вечерва од Јавното обвинителство. Јавните обвинители до надлежните судови доставиле предлози за определување мерка – притвор за сите тројца осомничени.
– Основното јавно обвинителство – Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик. Двајцата осомничени – соизвршители, во периодот од март до септември годинава, во атарот на велешкото село Карабуниште, неовластено произведувале марихуана. Засадиле 100 семки канабис на нива во месноста викана Пчиња, од кои изникнале 80 растенија што ги одгледувале и ги наводнувале, појаснуваат од Обвинителството.
На 27 септември, осомничените биле затекнати од полициски службеници додека собирале цвет од канабис.
– На лице место биле пронајдени машини за одвојување на цветот од стеблото, три пластични кофи со вкупно над четири килограми марихуана и повеќе вреќи со стебла од канабис, додаваат од Обвинителството.
За истото кривично дело и Основното јавно обвинителство – Скопје отворило истрага против едно лице, за кое во соопштението се наведува дека неовластено произведувало и држело за продажба наркотична дрога – марихуана.
– Во дворот на осомничениот на улицата „Кадињача“ во Скопје, полицијата пронашла две растенија канабис што ги одгледувал, а од домот биле одземени и 38 паковки со вкупно околу 30 грама марихуана и една дигитална вага со траги од канабис и кокаин, истакнуваат од Обвинителството.