Македонија
Лекарската комора бара итна средба со министрите за здравство и за внатрешни работи
Лекарската комора бара итна средба со министрите за здравство и за внатрешни работи, Венко Филипче и Оливер Спасовски, по зачестените напади на лекари во болниците.
„Згрозени и револтирани сме од ова што се случува. Секој ден имаме нови инциденти во здравствените установи во кои жртви на вербилни и физички напади се докторите и другите здравствени работници. Ни се случи Тетово, Драчево, Кавдарци, Градска хируршка болница Скопје. Тоа е недозволиво и од тие причини како Лекарската комора на Македонија инициравме итна средба со министрите за здравство и за внатрешни работи, Венко Филипче и Оливер Спасовски. Неопходно е да се изнајдат конкретни и трајни решенија за ваквите појави што, за жал, станаа дел од нашето секојдневие. Како Комора бараме предизвикувачите на инцидентите под итно да се казнат и против нив да се преземат максимално предвидени казни, како и други мерки, согласно позитивните законски прописи. Ова што се случува е скандалозно затоа што во опасност се доведени здравствени работници кои пружале здравствени услуги на пациенти, најчесто ургентни и животно загрозувачки случаи“, велат од Лекарската комора.
„Жално е и тажно што Лекарската комора во неколку дена мора повторно да реагира на ова што им се случува на здравствените работници. Загрижени сме од слободата која некој си ја дозволуваат со насилство кон нас, докторите, сестрите, болничарите да го изразуваат своето незадоволство, нетрпение и нервоза”, вели Гривчева-Старделова.
Според неа, институциите треба да преземат мерки да ги заштитат своите здравствени работници со оглед дека согласно законската регулатива докторите на работните места имаат статус на службени лица.
Во соопштението се наведува дека „Комората има разбирање за здравствените проблеми на пациентите и со нивните блиски, но и во оваа пригода јасно декларира дека осудува какво било насилство врз медицински персонал“.
Лекарската комора апелира секој во рамки на своите ингеренции да се вклучи во заштита од насилство врз здравствените работници и соработници, а особено на единствено безбедна средина во која се даваат здравствени услуги, гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите. Заложбата на Лекарската комора е за јасно и транспарентно делување во кое нема никаква толеранција за насилство насочено против лицата кои даваат здравствени услуги, а тоа, мора да се воведе на сите нивоа во секторот на здравствена заштита и јавно да се поддржува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

