Македонија
Лекарската комора одбележа 29 години од основањето
Во годината од еден до друг роденден, направивме многу, искрено се трудевме да одговориме на поставените цели и задачи но, сепак, најголемиот товар на кризата го понесоа нашите членови, докторите од сите нивоа на здравствениот систем кои во услови на пандемија професионално, посветено и пожртвувано се грижеа за здравјето на граѓаните, истакна претседателот на Лекарска комора на РСМ проф. д-р Калина Гривчева Старделова на свечениот настан по повод одбележување на 29 години од основањето на Комората.
На настанот поздравни обраќаа имаа министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, директорот на Лекарската комора на Србија, д-р Милан Диниќ, заменик-претседателот на ЛКРСМ, д-р Илбер Бесими.
„Лекарската комора е горда на своите членови и изразува најдлабока почит, а во знак на благодарност за силната истрајност, упорност и несебична грижа за пациентите, им додели Благодарници за особено придонес за справување со пандемијата на сите 9.000 доктори на медицина кои активно се вклучени во здравствениот систем. Во изминатите месеци, пандемијата само ја потврди важноста на нашата професија, а нас ни покажа дека само заедно, сплотени, со интегриран пристап можеме да изнајдеме решение за проблемите со кои се соочуваме. Посебна почит искажуваме и кон лекарите кои битката за животот на другите ја платија со сопствениот живот “, рече Гривчева Старделова во своето обраќање.
Лекарската комора како почитувана, самостојна и независна професионална организација на докторите, изминатава година, во услови на здравствена криза кога имаше многу малку научни медицински сознанија и факти за новиот вирус, одговори на ниво на својата задачата и обезбеди помош и поддршка на докторите од сите нивоа на здравствениот систем со организирање на циклус од онлајн средби со стручни предавања за различни медицински аспекти поврзани со препознавање и третман на ковид -19 и неговите компликации.
Паралелно со справување со пандемијата Лекарската комора ги реализираше и редовните програмски активности, како полагање на стручен испит, реализација на стручните достигнувања на докторите преку спроведување на обуките и проверката на стекнати стручни знаења, а го забрза и процесот на дигитализација со ставање во функција и на платформата за лекари, која овозможува не само дигитализирање на регистарот на лекари туку и надградба на редовното акредитирање на континуирана медицинска едукација.
Со цел заштита на интересите на докторите, Лекарската комора во повеќе наврати влијаеше врз казнената политика на Фондот за здравствено осигурување и на Министерството за здравство, во однос на работата на здравствените институции и работници. Тие реакции вродија со позитивен исход бидејќи износите на казните, кои не беа за потценување, беа делумно или целосно укинати.
Меѓу иницијативите кои ги покренуваше и поддржуваше ЛКРСМ се и залагањето за плаќање за дежурствата за докторите специјализанти кои беа во првите редови во ковид-центрите низ државата и за регулирање на статусот на вработен доктор, онаму каде што тоа беше можно. Комората посветено се залагаше и за зголемување на платите на лекарите, остварување на правото на годишни одмори, надминување на проблеми во врска со немање медицинска сестра во тимот.
„Она што сметаме дека беше најголем успех за ЛК на меѓународен план изминатата година е тоа што во ноември 2020 година ЛК стана член на Постојаниот комитет на европски лекари, кога Собранието на CPME едногласно ја прифати нашата апликација за членство. Постојаниот комитет на европски лекари (CPME) е можеби најзначајната организација во ЕУ, затоа што таа ги застапува своите членови пред институциите на ЕУ, обезбедува експертиза на највисоко ниво и во тесна соработка со Европската комисија учествува во креирањето на европски политики за прашања поврзани со здравството. Со членството на ЛК во ова тело се потврдува стручноста и експертизата на нашите лекари и релевантноста на Комората во вклучување во процесите за креирање на здравствени политики на ЕУ“, истакна Гривчева Старделова.
На настанот Комисијата за доделување на награди ја соопшти одлуката највисокото признание на Лекарската комора на РСМ, плакетата “Св. Наум Oхридски” за 2020 година да ја додели постхумно на д-р Трајче Нешковски, доктор од ЈЗУ УК за пулмологија и алергологија.
„Д-р Нешковски беше млад лекар во подем, со големи потенцијал, исклучителен капацитет, искрена и посветена желба за работа. Прераната смрт застана на патот на неговите новите успеси и победи, но сепак д-р Нешковски останува да биде светол пример од кој младите лекари треба да учат за тоа што значи да се биде доктор. Со доделувањето на Плакетата “Св. Наум Oхридски” изразуваме благодарност до д-р Нешковски за значајниот придонес кој го даде, но и даваме поттик за неговите колеги да продолжат по патот кој тој го трасираше“, рече проф. Д-р Даница Поповиќ Моневска.
Посебната награда на Лекарската комора за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава, која го носи името на прим. д-р Димитар Ивановски, најдобриот студент од првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, годинава ја добија Милена Гривчевска, Халиме Мена и Сара Димковска. Оваа награда се доделува на студентите со највисок просек од трите медицински факултети.
Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година. Иницијативата за формирањето на Комората ја покренуваат доктори од Македонското лекарско друштво. Прв претседател на Комората е проф. д-р Алексеј Дума.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

