Македонија
Лекарска комора: Насилството врз лекарите со загрижувачка димензија,бараме измени на Кривичниот законик
Вербалното и физичко насилство е сериозен проблем со кој се соочуваат докторите во секојдневното извршување на своите работни активности и потребно е итно преземање на мерки кои ќе придонесат за подобрување на состојбите, апелира Лекарската комора на Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 12 Март, Европски ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и другите здравствени работници. Во Лекарска комора денес се организираше средба по повод одбележување на Европскиот ден на која присуствуваа министерот за здравство д-р Беким Сали, заменик-министерот доц. д-р Владимир Рендевски, претседателот на Фармацевтска комора проф. д-р Бистра Ангеловска и претставник на Стоматолошка комора Јордан Стојаноски.
Со цел да направи пореално димензионирање на проблемот Комората спроведе анкета во која на електронскиот прашалник испратен до нејзините членови одговорил испратиле 1.061 испитаник, од кои 77,9 отсто одговориле дека доживеале физичко или вербално насилство на работното место во текот на работниот век.
Според одговорите на анкетираните нападот почесто го извршил некој кој бил придружба/роднина на пациент во 63,2 отсто од случаите, додека пациентот извршил насилство во 53,6 отсто од случаите.
„Бројките се загрижувачки, поради што и апелираме за поскоро донесување и ставање во сила на измените на Кривичниот законик со кои нападот врз здравствен работник на работно место ќе се смета за напад врз службено лице и по службена должност ќе се води кривична постапка против сторителот. Досега се направени измени на Законот за здравствена заштита, но за ова да почне да се применува во пракса потребно е да се направат и измени на Кривичниот законик за што е подготвен предлог-закон кој е во собраниска процедура на носење. Денеска нa Европскиот ден посветен на подигнување на свеста за борбата против насилството врз лекарите и здравствените работници јавно ги потсетуваме пратениците дека тие се на потег, бидејќи предлог-законот веќе неколку месеци е во собраниска процедура“, истакна претседателот на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, додавајќи дека лекарите и пациенти имаат иста и заедничка цел, а тоа е обезбедување, односно добивање на квалитетна здравствена заштита, што може да се постигне единствено преку заедничко делување и соработка.
На денешната средба со министерот за здравство д-р Беким Сали се разговараше и околу преземање на дополнителни мерки, како што се ангажирање на професионално обезбедување и поставување на безбедносни камери, едукација на лекарите за справување со критични ситуации, како и едукација на пациентите во однос на нивните права и обврски во здравствениот систем.
„На овој ден сакам да потсетам дека во пандемијата со коронавирусот здравствените работници се на прва линија на борба со вирусот и нивната улога, вклучувајќи ја и пружената грижа за пациентите е клучна за стравување со вирусот. Недозволиво е во 21 век да има ситуации на напад врз лекари, така што со сиот свој авторитет ќе се заложам за поголема заштита на лекарите и на сите здравствени работници. Од позиција на министер, но и како доктор ќе се заложам заедно со стручната фела за овие законски измени да бидат побрзо донесени и имплементирани во пракса“, изјави министерот Сали.
Лекарска комора во 2017 потпиша Декларација „Стоп на насилство врз здравствени работници“ во Љубљана заедно со коморски здруженија од 15 земји од Централна и Источна Европа, членки на ЗЕВА. По овој настан Декларација – Стоп на насилството врз докторите на медицина, стоматологија, фармацевтите, медицинските сестри, техничари, акушерки и другите здравствени работници. беше потпишана и во нашата земја од страна на Лекарската комора, Стоматолошката комора, Фармацевтската комора, Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Министерството за здравство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

