Македонија
Лекарска комора: Родилката која криела дека свекор ѝ има Ковид-19 не е впишана во Регистарот на лекари
Родилката која криела дека свекор ѝ е позитивен на коронавирус и отишла да се породува на Клиниката за гинекологија, а која се претставила како лекарка, не е впишана во Регистарот на лекари, соопшти Лекарската комора.
„Во врска со случајот со пациентката која пред породувањето била високиризична за присуство на коронавирусот, а дала лажни податоци во епидемиолошката анкета извршена во ЈЗУ УГАК и ПЗУ ‘Ремедика’, Лекарската комора на РСМ на барање на ДЗСИ изврши проверка во Регистарот на лекари од причина што во моментот на престојот во двете здравствени установи пациентката се претставувала дека е лекар. Лекарската комора утврди дека пациентката не е впишана во Регистарот на лекари во РСМ и не поседува лиценца за работа, ниту пак била во постапка за стекнување со истата, односно во постапка за полагање на државен испит“, соопштија од Лекарската комора.
Од таму велат дека немаат информации дали пациентката поседува диплома и се стекнала со звање доктор на медицина на некои од високообразовните институции во земјава или странство.
„Лекарската комора остро го осудува ваквото неодговорно однесување со кое пациентката ги загрозила здравствените работници, родилките и новороденчињата во двете здравствени установи, а однесувањето уште повеќе е неприфатливо доколку навистина се работи за медицинско лице, поради што апелираме до надлежните органи да продолжат со истрагата до целосно расчистување на случајот“, се наведува во соопштението.
Во саботата на Клиниката за гинекологија била примена родилка, која се претставила како лекарка, без да каже дека нејзиниот свекор со кого живеат во иста куќа е позитивен на Ковид-19. Таа била сместена со уште две родилки во болничката соба. Кога лекарите дознале дека во семејството има позитивен на вирусот, таа била префрлена во изолираниот дел, но не дозволила да ѝ се земе брис за тестирање. Таа самоволно ја напуштила Клиниката и заминала во приватната болница „Ремедика“ каде што се породила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа и Филипиду разговараа за прекуграничната соработка во заштитата на животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Грција во Република Северна Македонија, Софија Филипиду, на која беа разгледани приоритетите на билатералната соработка во областа на животната средина.
Во фокусот на разговорите беа активностите поврзани со управувањето со Националниот парк Преспа (Prespa National Park), управувањето со водните ресурси, хидролошката состојба на Преспанското и Дојранското Езеро, како и тековните прекугранични проекти што се реализираат.
Двете страни ја потврдија заедничката заложба за натамошно унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, со посебен акцент на заштитата на животната средина и одржливиот развој на прекуграничните региони.
Македонија
Општина Аеродром спроведува акција за чистење диви депонии на повеќе локации
Јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром денеска реализира акција за чистење на поголемите диви депонии на повеќе локации на територијата на општината.
Со соодветна механизација се врши темелно отстранување на секаков вид отпад депониран на несоодветни и недозволени места, со цел подобрување на хигиената и заштита на животната средина.
Општина Аеродром упатува апел до граѓаните да не се фрла отпад на недозволени локации и да се постапува совесно и одговорно, во интерес на заедницата и јавниот простор.
Во наредниот период ќе се спроведуваат зајакнати инспекциски контроли, при што против сите прекршители ќе бидат преземени соодветни мерки, согласно со важечките законски прописи.
Општина Аеродром останува посветена на континуирани активности за унапредување на јавната хигиена и создавање чисто, уредно и здраво опкружување за сите жители.
Македонија
Унгарските искуства за „Безбеден град“ и миграциите во фокус на посетата на Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на покана на министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер, во периодот од 14 до 16 јануари реализираше билатерална посета на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, со цел продлабочување на безбедносната соработка и размена на конкретни искуства и добри практики.
Во рамки на посетата, Тошковски оствари билатерална средба со министерот Пинтер, на која беа разгледани прашања од заеднички интерес, со посебен фокус на управувањето со миграциските текови, борбата против организираниот криминал и современите безбедносни предизвици. Министерот Пинтер го истакна значајниот и конкретен придонес што Македонија го дава во спречувањето на илегалната миграција, нагласувајќи дека улогата на македонската полиција е од суштинско значење за безбедноста на Европа.
„Посебно внимание беше посветено на искуствата на Унгарија во воспоставувањето и примената на системи за автоматско детектирање на сообраќајни прекршоци, во контекст на тековната имплементација на системот „Безбеден град“ во Македонија. Во таа насока, беа разменети мислења за практичните аспекти, институционалната подготвеност, правната рамка и ефектите од примената на ваквите системи, со цел користење на најдобрите европски практики.’, истакна министерот Тошковски.
Во делот на борбата против трговијата со дрога, беа презентирани законските и институционалните решенија што Унгарија ги има спроведено во областа на кривичното санкционирање, при што беа споделени искуства за влијанието на построг и појасен казнен пристап врз сузбивањето на организираните нарко мрежи и зајакнувањето на превенцијата.
Во рамки на посетата беше потпишана Декларација за соработка во спроведувањето обуки за полициски службеници помеѓу Центарот за обука на МВР и Центарот за полициска едукација и обука на МВР на Унгарија, со што се отвораат можности за долгорочна и практична размена на знаења и искуства. Воедно, беше упатена покана унгарскиот центар да се приклучи кон Регионалната асоцијација на центри за обука и полициски академии на Југоисточна Европа, формирана на иницијатива на нашето МВР.
Министерот Тошковски оствари и работна средба со директорот на унгарското Национално биро за истраги, Арон Јенеј, на која беа разменети искуства за институционалната поставеност, оперативните модели и пристапите во сузбивањето на најсериозните форми на организиран криминал. Дополнително, беше реализирана и средба со директорот на Националниот директорат за менаџмент на катастрофи, Золтан Гора, со фокус на системот за управување со кризи, меѓуинституционалната координација и практичните искуства во справувањето со катастрофи.
„Унгарија е докажан пријател и партнер на Македонија, а посетата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката, размената на искуства и градењето партнерства кои придонесуваат за поголема безбедност, стабилност и европска перспектива.’, потенцираше министерот Тошковски.

