Македонија
„Ле Монд“: Франција, Холандија и Германија со црвено светло за Скопје и Тирана

Францускиот весник „Ле Монд“ пишува дека Франција, Германија и Холандија се трите земји што го блокирале почетокот на преговорите за членство во ЕУ за Албанија и Северна Македонија за време на министерскиот состанок во Луксембург.
Како што пишува весникот, Франција, Германија и Холандија во Луксембург не се согласиле за решение кое за нив би било премногу симболично доколку се одобреле преговори за пристапување за двете балкански земји.
„Ова прашање бара едногласност на сите 28 членки на Унијата“, појаснува францускиот весник.
Според „Ле Монд“, прашањето за проширување на ЕУ останува предмет на поделба меѓу земјите членки и тие повторно ќе разговараат за можна одлука во октомври.
„Фактот дека германскиот Бундестаг уште не одлучил по препораката на Европската комисија за преговори со Скопје и Тирана е добар изговор за колебливите земји членки да не донесат одлука“, додава францускиот весник.
Како што се наведува, холандскиот парламент ја отфрлил идејата за каква било одлука за Албанија во 2019 година.
Кога станува збор за Франција, нејзината позиција е дека нема да има проширувања без претходна подлабока интеграција внатре во ЕУ-блокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: За една година инвестиравме 164 милиони денари во Арачиново

Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, денеска изврши увид на терен во завршната фаза од изградбата на секундарната фекална канализација во Арачиново – проект составен од 9 краци, со вкупна вредност од околу 20 милиони денари.
Меџити при работната посета изјави дека моментално се работи на последниот крак, во должина од 860 метри, каде што се реализирани 50% од активностите, а проектот се очекува да заврши во текот на наредниот месец.
„Во изминатите 13 месеци, во Арачиново донесовме инвестиции во вредност од над 164 милиони денари – реални, конкретни проекти, а не само празни ветувања. Она што за некои беше недостижно повеќе од три децении – ние го реализиравме. Го изградивме ободниот канал, започнавме со изградба на нови фекални, атмосферски и водоводни мрежи, и овозможивме урбано уредување преку изградба на пешачки патеки и шеталишта, како што е случајот покрај Мојанска Река“, изјави Меџити.
Овие инвестиции, појасни тој, се резултат на соработката на Министерството за животна средина со Владата, при што се инвестирани 164 милиони денари преку Првиот повик, Вториот повик и Програмата за капитални инвестиции – од кои 64 милиони денари се само за изградбата на каналот, а 100 милиони денари за други инфраструктурни проекти.
Меџити најави дека работата нема да застане тука.
„Ќе продолжиме да инвестираме – не по партиска или етничка линија, туку секаде каде што има реална потреба. Веруваме во одговорна политика која носи конкретни резултати, а нашата цел е секој граѓанин да ја почувствува разликата“, заклучи Меџити.
Македонија
Support Kocani со нова донација на компресивна облека за повредените од пожарот во Кочани

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализира и третата пратка компресивна облека, наменета за преживеаните лица од пожарот во Кочани. Облеката е веќе предадена на Општата болница во Кочани, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување.
Вредноста на оваа набавка изнесува 2.193.047 денари (35.555 евра), а средствата се целосно обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и дијаспората. Со ова, вкупната вредност на досегашните три испораки надминува 3,4 милиони денари.
Со оваа пратка се опфатени втората тура на нарачки од првите две групи корисници на компресивна облека. Во оваа донација вкупно се обезбедени 176 парчиња специјализирана компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за секој од засегнатите лица.
Македонија
Утре променливо облачно време, со локален пороен дожд и грмежи

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Од среда до петок ќе преовладува претежно стабилно време со пораст на дневните температури.
Во деновите од викендот повторно ќе има услови за повремени локални врнежи од дожд и ретки грмежи, а дневните температури ќе бидат во опаѓање.