Македонија
Либералната партија бара затворање на казината и обложувалниците во населените места

Либералната партија соопшти дека ги охрабрува Владата и Министерството за финансии, по примерот на Република Албанија, да се направат измени во Законот за игри на среќа и забавни игри.
За таа цел, велат од партијата, потребно е да бидат укинати активностите на електронските игри на среќа, слот-машини, во населените места бидејќи не одат во прилог на градење здрава нација и држава.
„Бараме да се затворат сите казина и спортски обложувалници кои сега се наоѓаат во огромен број на главните улици низ градовите и селата во Македонија и блиску до образовните институции“, апелираат од Либералната партија.
Тие предлагаат спортското обложување да се одвива само на интернет-платформа, а казината да бидат достапни само во хотелите од висока категорија или во зони на најмала оддалеченост од неколку километри од населените места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изминатиот викенд лишени од слобода 13 лица за безобзирно управување на возило

За време на изминатиот викенд (11/12.10.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 1.502 издадени платни налози, 958 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик се 13 лица, од кои четири за возење под дејство на алкохол, четворица за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и пет возачи за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 97 прекршоци за неправилно паркирање, 122 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 47 санкции за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле пет возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и двајца пешаци. Исто така санкционирани се 43 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 33 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а три заради техничка неисправност. Санкционирани се и пет возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии)“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, додаваат од МВР.
Македонија
„Дали Спасовски ургирал во СВР Штип за да се спаси газдата на „Пулс“, што крие ЈО и дали Коцевски го штити Спасовски“, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„Јавноста мора да добие одговор. Дали Оливер Спасовски во својство на министер за внатрешни работи лично се јавувал во СВР Штип и барал да се изврши притисок врз полицијата во Кочани за да се заштити газдата на дискотеката Пулс“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Според информациите кои излегоа во јавноста а се обелоденети во медиуми се фрла сомнеж на вмешаност на врвот на СДС во случајот со нелегалното работење на дискотеката Пулс.
Според објавените телефонски разговори од 17 февруари 2022 година синот на газдата на Пулс Михаил Јованов се пофали на лицето Бојана дека „Оливер Спасовски се јавувал у Штип у полицијата за нас“.
Во разговорот се споменува казна од 40 000 од УЈП која според наводите требало да се „среди“ преку политичка интервенција. Наместо полицијата да го спроведува законот била под притисок „да не досадува“.
„И он кажал тој началникот од Кочани утре одма на информативен разговор да дојде … кај началникот за Источна Македонија… ќе им с’ржат малку… да се посе*ат“, завршува Михаил.
Ова е сериозно обвинување за злоупотреба на функција, влијание врз институциите и партиска заштита на блиски бизниси. Дали ЈО покренало постапка по овие наводи?
Дали Оливер Спасовски бил повикан на разговор и која е неговата улога во заштитата на газдата на дискотеката Пулс и работата на дискотеката? Дали е извршена контрола во СВР Штип и ОВР Кочани?
Дали Коцевски работи според закон или по нарачка на СДС? Коцевски и ЈО да не молчат. Доколку не е постапено тоа значи дека обвинителството свесно го прикрива скандалот и штити моќници“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Влен“: Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад

„Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје, засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и Села се последните извици на една коалиција во распад“, велат од „Влен“.
„Едниот бара „политички договор“ и се обидува да го копира Али Ахмети, кого со право треба да го праша: што се случи со писмата што ги испраќаше низ светот и каде исчезна експертизата на Пол Вилијамс? Другиот лута во паника, стравувајќи дека ќе биде изневерен од двајцата.
Според сите анкети, кандидатите на ВЛЕН се во убедлива предност, додека „референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, им се враќа како бумеранг.
Албанците овој филм го гледаат повеќе од две децении патриотизам во зборови, кражба во дела.
Дваесет години не успеаја да обезбедат ни питка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен.
Тоа е „светот“ што го создадоа загаден, ненаситен и иструлен одвнатре.
Општините под нивно раководство се жив доказ за хаос, сиромаштија и отсуство на било каква визија.
Затоа, Албанците денес му го вртија грбот на овој „лажен референдум“, што го пропагираат Ахмети, Таравари и Села“, соопшти „Влен“.