Македонија
Лицата со попреченост не треба да вадат дозвола за движење, но со себе да носат наод

Викендов важи 61-часовна забрана за движење, но лицата со попреченост можат во сабота и недела од 11:00 до 13:00 часот да бидат надвор, со придружник а во работните денови од 19:00 до 20:00 часот, соопшти дополнителната заменик министерка за труд и социјала, Санела Шкријељ.
Таа на видеосесијата „Ковид-19, прашања и одговори посочи дека владата одговорила на барањата на лицата со попреченост затоа што за нив движењето е терапевтска активност.
„За овие лица не треба дозвола за движење, туку со себе треба да имаат наод или решение кое ја докажува попреченоста“, објасни заменик министерката.
Шкријељ укажа и дека сите мерки кои ги имплементира Министерството за труд и социјална политика, и пред состојбата со коронавирусот и посебно сега, се насочени кон ранливите групи.
„Ние го прилагодуваме целиот систем на социјална заштита да овозможи брз влез на сите домаќинства кои останале без приходи. Корисниците на гарантирана минимална помош, околу 30.000 лица, ќе добијат и дополнителна исплата на енергетски додаток од 1.000 денари во април и мај, инаку законски тоа право се исплаќа од октомври до март. Во услови кога сите потенцираме колку е битна хигиената, за семејствата што живеат во супстандардни услови, од почетокот на времените мерки, министерството испорача над 600 пакети со хигиенски продукти. Со УНИЦЕФ обезбедуваме и втора тура хигиенски пакети за помош. Постојано работиме со нашите партнери, со Црвен крст и преку Центрите за социјална работа за да им помогнеме на најранливите семејства. Заедно со УНДП воспоставивме сервис кој е насочен кон лицата со попреченост и старите лица, да им помогне во секојдневното функционирање, во 27 општини“, рече Шкријељ.
Според неа, во услови на пандемија на коронавирусот, особено е важно родителите да го прилагодат движењето на децата согласно препораките на Владата за постапување во услови на вонредна состојба и воведениот полициски час.
„Она што го препорачуваме е родителите да се договорат за начинот на одржување на контактите на децата со родителот со кого не живеат, а притоа децата да не бидат изложени на опасностите кои со себе ги носи оваа пандемија“, истакна заменик министерката дообјаснувајќи дека центрите за социјална работа како надлежни органи им се на располагање на родителите за обезбедување на неопходната стручна и советодавна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам менталитетот на „не можам“

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ја истакна својата решеност да ја промени дводецениската матрица на управување со општината со изговорот „не можеме“, кога станува збор за реализирање на крупни проекти во интерес на граѓаните. Тој порача дека неговата кандидатура не е борба против личности, туку против менталитетот на „не можам“, кој, како што рече, го кочи развојот на Чаир веќе 20 години.
Тој потсети дека повеќе од 20 години, од основањето на општината, Чаир се води без план, без идеја и без храброст, а граѓаните се навикнати на изговори и поразителното „не може“.
„Имало многу ветувања, во секоја изборна кампања. Но секогаш по нив следело: ‘Не може’. Повеќе од 20 години една клика ни инсталираше начин на размислување дека ‘ние не можеме’, дека ‘ова ни е судбина’. Јас влегов во оваа трка не за да заменам една личност со друга, туку за да го скршам тој начин на размислување“, нагласи Османи.
Тој истакна дека промената што ја предлага не е само инфраструктурна, туку ментална и политичка трансформација, со јасна визија за иднината на Чаир.
„Во секоја институција каде што сум работел, сум го предизвикувал менталитетот дека ‘не може’. И кога влегов во преговорите за името, за НАТО, за официјализирањето на албанскиот јазик, сите велеа ‘не може’. Но јас секогаш сум влегувал со уверување дека треба да се предизвика, затоа што храброста е таа што ги реализира промените, не само идеите“, рече Османи.
Тој ја поврза оваа порака со најзначајниот проект во неговата програма, реализација на „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница, кој треба да го реши најголемиот инфраструктурен проблем во општината и да ја трансформира во модерен и функционален центар.
„Идеи можеме да имаме многу, но мора да имаме храброст да преземеме одговорност за големите идеи“, порача Османи.
Тој подвлече дека реализацијата на проектот „Плоштад Лирија“ и подземна сообраќајница веќе започнала со подготвителната фаза, со планирање на средства од Европската Унија, Владата, Град Скопје и сопствените општински фондови, со цел да се обезбеди стабилно финансирање.
„Овој проект ќе го скрши менталитетот на ‘не може’. Храброста е таа што ги решава големите животни и општествени предизвици“, заклучи Османи.
Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.