Македонија
Лични карти и пасоши во Скопје ќе се издаваат и во сабота и недела

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните во Скопје дека во периодот до одржувањето на парламентарните избори ќе биде овозможено подигање на готовите лични документи (лична карта и пасош) и во текот на деновите од викендите.
Во периодот до одржување на парламентарните избори на 15 јули Министерството ќе овозможи во седиштето на Одделението за управни работи Скопје (зградата на МТВ) и подрачната канцеларија „Беко“ подигање на личните документи покрај во редовното работно време од 7:30 до 20 часот од понеделник до петок и секоја сабота и недела (27 и 28 јуни и 4, 5, 11 и 12 јули) во периодот од 8 до 16 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
62 балони летнаа кон небото во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот во „Пулс“

Во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот од 16 март годинава во дискотеката „Пулс“, попладнево во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативен настан што го организираше Општината со подршка на Црвениот крст, како дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот.
Со многу емоции, членовите на семејствата на настраданите, облечени во црни маички, два часа ја следеа актерката Наталија Теодосиевска, кочанчанка, која со збор и фотографија ги спомена сите загинати што потекнуваат од Кочани, Оризари и општината Чешиново – Облешево.
Комеморацијата заврши на отворена сцена, на јужната страна од ЦК „Бели мугри“ каде од рацете на деца во воздух летнаа 62 балони со имињата на прерано прекинатите 62 млади животи.
На присутните во салата на кочанската Национална установа им се обрати и Живко Гроздановски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.
Потоа, членовите на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 –ти март, придружувани од граѓани, заминаа на протестен марш во чест на нивните ангели низ улиците на Кочани.
Македонија
Муцунски од „Дубровник Форум“: Во 21-ви век нема место за национализам во Европа

На покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на 18. издание на „Дубровник Форум“ – меѓународна конференција што се одржува денеска и утре во Дубровник, Република Хрватска.
Фокусот на дискусиите, како што соопшти МНРиНТ, бил ставен на безбедноста на Западен Балкан и процесите на Евроатлантска интеграција.
Министерот Муцунски имал обраќање во рамки на панелот посветен на овие теми, на кој беа разгледани и пошироки прашања како трансатлантските односи, европските предизвици, одбранбените капацитети на Европа и перспективите на Иницијативата „Три мориња“.
На панелот за Западен Балкан биле разменети ставови за напредокот на државите од регионот, значењето на европските и евроатлантските интеграции, како и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучиле дека, во услови на зголемени ризици, е потребен засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот на регионот.
-Случувањата во Европскиот парламент не беа само семантика. Тоа беше политички чин на негирање на идентитетот. И сакам да бидам јасен – национализмот од 19-ти и 20-ти век нема место во Европа на 21-от век. Идентитетот не е прашање за преговори, туку основно човеково право. Добрососедството не подразбира толерирање на провокации. За жал, мнозинството во Европскиот парламент го поддржа ова бришење, но имаше и пратеници кои гласаа против или се воздржаа. Еден од нив е со нас денес. Му благодарам нему и на сите што постапија принципиелно – тоа е доказ дека совеста сè уште постои во европската политика, истакнал Муцунски.
Во своето излагање, министерот Муцунски ја нагласил посветеноста на Република Северна Македонија кон зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот, укажувајќи дека глобалните безбедносни предизвици бараат поголемо внимание од меѓународната заедница. Западен Балкан, поради својата геополитичка положба, претставува нераскинлив дел од европската безбедносна архитектура.
Тој подвлекол дека предвидливите и достижни европски и евроатлантски процеси се потврдени механизми за унапредување на реформите, постигнување на долготраен мир и спречување на негативни надворешни влијанија. Муцунски ја потенцирал и потребата од зајакнување на регионалниот дијалог, соработка и меѓусебна поддршка во интегративните процеси, истакнувајќи дека земјите од регионот имаат заедничка одговорност да ги поддржуваат иницијативите за помирување и решавање на отворените прашања.
Во заклучоците, министерот Муцунски ја нагласил и неопходноста од зајакнување на капацитетите на земјите од регионот за справување со современите безбедносни предизвици, со што ќе се зајакне нивната и отпорноста на целиот регион, како директен придонес кон европската безбедност.
Македонија
Ангелов: Најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција

Во моментов најсериозен е пожарот во дојранското село Николиќ во близина на границата со Грција. Тоа е пожар кој гори неколку дена. Рано утрово испративме еден армиски хеликоптер, кој прецизно дејствуваше по линијата на пожартот, но, поради ветрот кој постојано го менува својот правец овој пожар беше многу тешко да се стави под контрола, изјави попладнево директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Според него, бидејќи е раширен на поголема територија, претставува опасност да ги зафати и околните шуми.
-Во соработка со колегите од грчка страна кои понудија поддршка од два канадери го активиравме Европскиот механизам за цивилна заштита за употреба на овие канадери кои треба да дејствуваат. По потреба на располагање имаме еден полициски и еден армиски хеликоптер, како и два ЕР трактори на ДЗС, затоа што вториот предмалку слета во Скопје, рече Ангелов.
Информира дека предмалку избил нов пожар на територија на Крива Паланка во близина на местото каде беснееше пожарот пред неколку дена.
Во текот на вчерашниот и денешниот ден, како што информира Ангелов, регистрирани се повеќе од 40 пожари на отворен простор.