Македонија
Лукаревска: Ги обезбедуваме работните места им помагаме на компаниите и на вработените

Со конкретни мерки за секоја категорија граѓани и во услови на здравствена криза ги поддржуваме граѓаните и компаниите. Ги видовме резултатите на дело. Задоволство е да се види напредокот на компаниите, корисници на економските мерки со коишто ги поддржуваме и така ги чуваме работните места во време на криза предизвикана од ковид 19. Фирмата која што произведува флекери и пешкири е една од корисниците на мерката-исплата на минимална плата за месеците мај и јуни. Работат со многу елан, задоволни што во време на криза нивното производство е поддржано од државата и работниот процес продолжува да се одвива без застој, рече носителката на изборна листа во ИЕ2, Сања Лукаревска, на средбите во општина Ѓорче Петров.
„Финансиската поддршка за исплата на минимална плата им помага на компаниите во време на тешката глобална здравствено – економска криза да ги зачувува работните места. Само за месец мај околу 21 илјади компании и 5 800 самостојни вршители на дејност се корисници на финансиката поддршка за исплата на плати. Заедно ги надминуваме економските последици. За тие на кои најмногу им се потребни, обезбедивме финансиска поддршка преку платежни картички. Покажавме дека се грижиме за сите граѓаните. Градиме развојна економија. Градиме праведно, едно општество за сите.
Можеме уште повеќе и уште подобро, затоа на 15 јули, излезете и гласајте за СДСМ и коалицијата МОЖЕМЕ, гласајте за опцијата која носи сигурност“, истакна Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Собранието ќе формира комисија за избор на нов претседател на антикорупциската

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата во 12 часот ќе одржи седница на која се очекува да ја формира Комисијата за селекција на кандидати за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Процесот следи откако на 5 август беше распишан јавен оглас, со рок за пријавување од 10 дена. Оваа постапка се спроведува по оставката на претходната претседателка Татјана Димитровска, која е обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, до изборот на нов претседател, функцијата ја врши заменик-претседателот на ДКСК. Новиот претседател мора да има најмалку десет години работно искуство, од кои осум во областа на борбата против корупцијата, владеењето на правото или добро управување.
Македонија
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Во Владата ќе се одржи одбележување на 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
По тој повод со почеток во 10:00 часот во Свечената сала во Владата на Република Северна Македонија ќе се одржи свечена седница на која ќе се обрати премиерот Христијан Мицкоски.
Настанот ќе биде пренесуван во живо на „Фејсбук“ и „Јутуб“ каналот на Владата.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година помеѓу претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД.
Македонија
Сончево и многу топло со мала локална облачност: максималната температура до 39 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Ќе се задржи сончево и топло време со умерена облачност преку денот. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец.