Македонија
Лукаревска: Имаме јасен план за модернизација и на образованието и на здравството, зашто сакаме сигурна иднина и благосостојба за сите граѓани
Нашата определба е европска Македонија, зашто сакаме европско образование и европско здравство за сите граѓани. Доброто образование е гаранција за добра, перспективна иднина на секој подинец и на државата и затоа, подигнувањето на квалитетот на образованието на сите нивоа и прилагодувањето на потребите на пазарот на трудот е стратешки приоритет на СДСМ, рече носителката во третата изборна единица, Сања Лукаревска.
-Со добро образование насочено кон развојот на потенцијалот и вештините кај младите луѓе, до поголема конкурентност , подобри работни места и подобар живот за сите, тоа е нашата цел, тоа им треба на младите, од тоа зависи нивната иднина и идниот развој на државата. Затоа го унапредивме и ќе продолжиме да го унапредуваме ученичкиот и студентскиот стандард со поголем број и повисоки стипендии, субвенциониран студентски оброк-зголемување на износот за студентски оброк на 200 денари, укинување на таксата за пријавување на испит.
Лукаревска рече дека заложба е да се задржат најдобрите студенти и се повеќе млади лица да бидат ангажирани во високообразовните и во научните установи во државата.
-Ќе вложуваме повеќе во талентираните ученици, во континуирана поддршка на учениците со попреченост, но и во наставниот кадар, нивната работа и посветеност ни е најважна во остварувањето на целите за уште подобро и помодерно образование.
Се фокусираме и на модернизирање на здравствениот систем, рече Лукаревска.
-Политиката на СДСМ е јасна и конзистентна. Вкупните примања на лекарите специјалисти се повеќе од двојно зголемени. Во следниот мандат се обрзуваме дека платите за специјалистите ќе се зголемат во терциерното здравство до 180.000 денари, во секундарното здравство до 140.000 денари, за општите лекари до 120.000, за медицинските сестри со висока школа до 90.000 денари, а на оние со средна 60.000 денари. Специјализантите ќе ги остваруваат сите права во текот на својот стаж, преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат основен месечен надоместок од почетни 60 000 денари.
За секој доктор кој ќе се врати во државата, веднаш ќе се обезбеди работно место и ќе се доделат средства за стимулација. Целосно ќе се укине партиципацијата од 20% за услугите во јавното здравство. Јавното здравство да биде бесплатно за сите осигуреници. Нема одложување на потребата од зајакнување на системот на јавното здравство, зашто здравјето е најважно.
Имаме јасен план за развивање, унапредување и модернизација и на образованието и на здравството, зашто сакаме сигурна иднина и благосостојба во европска Македонија за сите граѓани, рече Лукаревска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

