Македонија
„Македонија може да стави крај на ХИВ – потребни се здружени сили и стабилна превенција“
Северна Македонија има реална можност во следните години целосно да ја елиминира епидемијата на ХИВ доколку навременото тестирање стане широко достапно, превенцијата биде системски зајакната, а институциите и граѓанскиот сектор продолжат со заедничка работа. Ова беше клучната порака од конференцијата по повод Светскиот ден за борба против ХИВ, организирана од ХЕРА.
„Навременото тестирање претставува најважната алатка за постигнување на целта – искоренување на ХИВ до 2030 година“, истакна Националната координаторка за ХИВ, Милена Стевановиќ, и додаде дека раното откривање значи навремен пристап до терапија и прекин на понатамошното ширење на вирусот.
Јанис Мемелеѕис, советник на Светската здравствена организација (СЗО), додаде дека нема изговор во 2025 година некој да се инфицира со ХИВ и да не биде навремено дијагностициран и поставен на терапија, при што беше потенциран потенцијалот на земјата за брзо ставање под контрола на епидемијата преку јакнење на постојните и развој на нови, иновативни пристапи во превенцијата.
Во текот на дискусијата беше посочена исклучителната важност од поддршка на насоченото тестирање преку граѓанскиот сектор, како што истакна Александра Ефтимова од Министерството за здравство, бидејќи токму ваквиот пристап овозможува да се стигне до лицата што се дел од најризичните групи и кои најчесто се недијагностицирани.
И покрај фактот дека средствата за превенција во моментот се намалени, институциите работат на воспоставување нови критериуми за распределба на буџетските средства, со очекување дека системот за превенција ќе биде унапреден од 2026 година. Во таа насока беше истакнато дека без финансиски ресурси не може да се постигнат резултати, но дека за успех е неопходна континуирана соработка помеѓу државните институции и граѓанските организации, кои имаат единствен пристап до заедниците со најголем ризик.
Беше нагласена и улогата на здравствениот систем во навременото поврзување на новооткриените случаи со терапија, како што посочи Румена Којчески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, со што пациентите бргу достигнуваат недетектабилно вирусно оптоварување и може да водат нормален живот. Сепак, и понатаму останува сериозен предизвик дискриминацијата кон лицата што живеат со ХИВ, особено во рамките на здравствениот сектор.
Конференцијата ја отвори и потребата од обезбедување соодветна правна рамка, која ќе им овозможи на граѓанските организации формално да дејствуваат како даватели на услуги во превенцијата и тестирањето – заложба што ја истакна Елизабета Божиноска од Платформата за ХИВ на 13 граѓански организации – пракса што постои повеќе од 20 години и која е поддржана од 16 политички партии и содржана во три национални стратегии за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.
Беше истакната потребата од засилена политичка поддршка, особено во делот на справување со дискриминацијата, одржување на постигнатите резултати во третманот и во обезбедување стабилни и одржливи превентивни програми, како што нагласи пратеничката Даниела Николова, членка на Интерпарламентарната група за сексуално и репродуктивно здравје и права. Таа го истакна и предизвикот дека во моментот недостигаат 40 милиони денари за програмата за превенција да може целосно да ги даде очекуваните резултати и дека поднесениот амандман од опозицијата бил одбиен во парламентот.
Настанот заврши со заедничка порака дека елиминацијата на ХИВ во Северна Македонија е достижна цел, но само доколку продолжи тесната соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор и политичките фактори, поддржана со стабилно финансирање, ефикасна превенција и системска борба против стигмата и дискриминацијата.
Конференцијата се реализира во рамките на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, кој се имплементира од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Здружението за поддршка на лицата што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, финансиски поддржан од владата на Швајцарија преку програмата „Цивика мобилитас“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

