Македонија
Македонија отсега ќе има 20 министерства, непознато е колку пари ќе се одлеат од Буџетот за оваа намена
Maкедонија отсега ќе има 20, наместо 16 министерства. Предлагач на ваквите измени беше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а предлогот доцна синоќа беше прифатен од 88 пратеника во Законодавниот дом.
Ова е целосната листа на министерства:
1. Министерство за одбрана;
2. Министерство за внатрешни работи;
3. Министерство за правда;
4. Министерство за односи меѓу заедниците;
5. Министерство за надворешни работи и надворешна трговија;
6. Министерство за европски прашања;
7. Министерство за финансии;
8. Министерство за економија и труд;
9. Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини;
10. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство;
11. Министерство за здравство;
12. Министерство за образование и наука;
13. Министерство за социјална политика, демографија и млади;
14. Министерство за локална самоуправа;
15. Министерство за култура и туризам;
16. Министерство за дигитална трансформација;
17. Министерство за јавна администрација;
18. Министерство за транспорт;
19. Министерство за животна средина и просторно планирање и
20. Министерство за спорт.
Според предлогот, постојат три клучни причини за интервенции во надлежностите на министерствата.
„Прво, во моментов постојат нејаснотии при самата распределба на надлежности помеѓу министерствата, односно не постои јасна линија каде завршуваат ингеренциите на едно а каде започнуваат на друго министерство. Втора причина е што самата алокација на функции и нивното групирање во одредени органи не е рационално, односно постојат случаи каде повеќе несродни области се алоцирани во една институција. И трето, како дополнителен предизвик се јавува тоа што области кои во моментот се стратешки приоритети на државата, претставуваат клучни предизвици или се во фокусот на светската јавност не се соодветно пресликани во институционалната рамка на државата, туку се организациски единици во рамки на одредени министерства“, пишува во законот кој веќе доби поддршка во Собранието.
Не пишува колку пари ќе бидат потребни. Наведено е само дека „има финансиски импликации врз Републичкиот буџет“.

Расправата траеше до 2:30 часот по полноќ.
Предлогот жестоко беше критикуван од пратениците на СДСМ и Левица.
Пратеникот и претседател на СДСМ во оставка, Димитар Ковачевски во неговото обраќање рече дека Законот се носи не за да се зголеми ефикасноста на органите на државната управа, туку поради политички пазар.
„Првото прашање кое се наметнува за законот е практично дали се работи за измени кои се мотивирани од желбата за зголемување на ефикасноста на државната управа или се мотивирани од желбата за политички пазарења за полесно креирање на владина коалиција и коалиција за носење на други закони за кои е потребно двотретинско мнозинство. Јасно е дека се работи за второто. Овој процес е мотивиран единствено за политички пазар и коалицирање“, рече Ковачевски.
Амар Мециновиќ од Левица истакна дека експертите и академската фела не се вклучени во измена на една ваков системски закон.
„Вие се однесувате како да имате божји а не народен мандат. Се е ставено на брза лента за да може да почне шемата за отплаќање на долговите кон елитите кон кои должите. На овој број население треба помалку министерства, а нелогично е, според него, што трудот се спојува со економијата. Ова е огледало на вашиот авторитаризам“, кажа Мециновиќ.
Коалицијата предводена од ДУИ изрази поддршка за предлог-законот. Одлуката ја образложи координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети.
„Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Но, цениме дека еден ваков упад треба да биде сериозно разгледан, но ова ќе го оставиме на времето, дали ќе биде постигната таква ефикасност“, рече Беџети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

