Македонија
Македонија во Брисел го почна билатералниот скрининг-процес
Република Северна Македонија попладнево во Брисел го почна билатералниот скрининг-процес. Oд Владата велат дека Северна Македонија од осамостојувањето во 1991 година јасно и недвосмислено ја изрази својата стратешка определба за полноправно членство во НАТО и ЕУ и со целиот свој административен и општествен капацитет беше посветен да ги постигне овие цели.
На денешниот состанок обраќања имаа заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека 21 година по потпишувањето на спогодбата за асоцијација и стабилизација и 17 години како земја кандидат за ЕУ, со денешниот состанок за почнување со скрининг-процесот, конечно, влегуваме во последната фаза од нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ.

„Како вицепремиер за европски прашања заедно со мојата институција, Секретаријатот за европски прашања, како главно координативно тело за преговарачкиот процес во Северна Македонија, ќе ги насочиме нашите напори во обезбедување непречен тек на преговарачкиот процес во сите негови аспекти преку мобилизација на администрацијата бидејќи таа се смета за столб на овој процес. Во наредните недели ќе ја финализираме ревизијата на актите за преговарачката структура од 2019 година и ќе ја операционализираме.
Почетокот на скринингот, патувањето што денес заеднички го почнуваме со Република Албанија, нема да биде лесно.
Пристапниот процес бара целосен ангажман, но знаеме дека нема да бидеме сами на овој пат. Сметаме на поддршката од Комисијата и нејзините служби како наши партнери што ќе дадат насоки и совети во процесот, а ние ќе ги направиме сите напори да обезбедиме непречен тек на преговарачкиот процес во сите негови аспекти“, рече Маричиќ.
Во обраќањето на инаугуративниот состанок за процесот на скрининг, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, предочи дека денес ја почнуваме финалната фаза за остварување на првенствениот надворешнополитички приоритет на нашата држава – полноправно членство во Европската Унија.
„Патот дотука не беше нималку лесен, но денес нема да се навраќаме на минатото, туку нашиот поглед е свртен кон иднината и задачите што треба да ги исполниме за време на преговарачкиот процес. Конечно, од стартната позиција ја почнуваме трката и отсега ќе зависи од нашите сили и способности – да ги мобилизираме сите наши човечки ресурси и посветено да работиме додека не ги исполниме потребните услови за влез во европското семејство, во кое цивилизациски, вредносно и културно припаѓаме“, рече Османи.

Владата верува дека новата методологија, одобрена во март 2022 година, ќе даде нов поттик за пристапните преговори и ќе ја потврди посветеноста на Унијата кон политиката за проширување заедно со заложбите дадени во солунската агенда и последователните декларации од Софија, Загреб и од Брдо.
Истовремено, очекуваме новата методологија да ја покаже и докаже на дело својата основна цел – динамизирање на пристапните преговори, забрзана и неповратна трансформација на нашите општества во целосно функционални демократии еднакви на членките на Унијата, конвергенција на нашите економии и намалување на разликите во споредба со оние на земјите членки на ЕУ, и на регионално и на државно ниво.
За таа цел, Владата денес на состанокот предложи да се организираат дополнителни состаноци на техничко ниво со претставници од администрацијата на Северна Македонија, каде што европските служби подетаљно би презентирале како ќе се применува новата методологија за пристапување.
Скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија со цел да се подготват преговорите за членство и претставува аналитичка презентација на правото на ЕУ и состојбата во земјата кандидат во однос на него. Поспецифично, како процес, тој има цел, од една страна, да ги запознае земјите кандидати со правното наследство на Европската Унија и на тој начин да ги подготви за преговорите. Од друга, целта е да се овозможи Комисијата и земјите членки да го оценат степенот на подготвеност на земјите кандидати, да бидат информирани за нивните идни планови и да добијат прелиминарни насоки за прашањата што ќе бидат најактуелни во преговорите. На состанокот за билатералниот скрининг како дел од официјалната делегација присуствуваа и министрите за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

