Македонија
Македонија со цел до 2030 година да ги намали стакленичките гасови 51 отсто
Владата го усвои ревидираниот национален придонес кон Климатскиот договор од Париз, со што како национална цел ја постави амбицијата во 2030 година да се постигне 51 % намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година, соопшти министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Како што нагласи тој, овој стратешки документ претставува нов, поамбициозен придонес кон глобалните напори за намалување на емисиите на стакленички гасови и е фокусиран на ублажувањето на климатските промени.
Министерот оцени дека со ова уште еднаш се демонстрираат заложбата и придонесот на државата во реализација на зелената агенда на ЕУ и инвестицискиот план за Западен Балкан на ЕУ и може да служи како инструмент за засилени инвестиции.
Во поднесокот се вградени резултатите од анализите за потенцијалот за намалување на емисиите на стакленичките гасови, при што вкупно се анализирани 63 политики и мерки за ублажување во секторите:
– енергија (вклучително и снабдување со енергија, резиденцијален сектор, неспецифицирани сектори, индустрија и транспорт);
– земјоделство;
– шумарство и друга употреба на земјиште;
– отпад;
– дополнителни мерки (овозможувачки мерки на мерките за ублажување).
Ревидираниот национално утврден придонес кон Договорот од Париз е одраз на зеленото сценарио од Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и е целосно усогласен со предлог-националниот план за енергија и клима.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

