Македонија
Македонија ја потпишала изјавата за повлекување на законот за странско влијание во Грузија
Министерството за надворешни работи ја потврди позицијата за заедничката изјава од Литванија во Советот за човекови права на Обединетите нации.
„Во врска со објавите на медиумите во однос на заедничката изјава во Советот за човекови права на Обединетите нации, иницирана од Литванија, со која се повикува Грузија да го укине законот за транспарентност на странско влијание, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ја повторува позицијата, која и во текот на вчерашниот ден беше доставена како одговор на новинарско прашање, дека Северна Македонија ја дели загриженоста на ЕУ, којa се однесува на споменатиот закон, што е впрочем наша принципиелна позиција и за слични закони во други држави“, велат од МНР.
Соодветно, додава Министерството, ја поддржуваме и заедничката изјава на Литванија дадена во име на група земји, на која се придруживме и која e објавена на официјалната страница на Советот за човекови права, што е вообичаена пракса.
Законот бара медиумите и невладините организации и другите непрофитни организации да се регистрираат како „извршувачи на интересите на странска сила“ доколку добијат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство. Владата во Грузија вели дека предлог-законот е неопходен за да се запре, како што смета, штетното странско влијание врз политиката на земјата и да се спречат неодредени странски актери да се обидат да ја дестабилизираат.
Опозицијата во таа земја го осуди предлог-законот споредувајќи го со руски закон бидејќи Москва користи слична легислатива за сузбивање на независните медиуми, непрофитните организации и активистите што го критикуваат Кремљ.
Земјите потписнички, освен отповикување на законот, ја повикаа владата во Тбилиси да ги запре процесите против новинарите, граѓанските активисти и другите граѓани што протестираа против донесувањето на законот и да се истражат сите случаи на насилство што беа применети против овие граѓани.
Во Грузија се регистрирани речиси 31.000 невладини организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Го разбираме револтот и незадоволството: СДСМ го поддржува протестот и барањата на работниците
СДСМ го поддржува протестот на работниците и Сојузот на синдикатите во борбата за достоинствени плати и зголемување на минималната плата, соопштуваат од оваа партија.
„Го разбираме револтот и незадоволството кај работниците и целосно ги поддржуваме нивните барања, за зголемување на минималната плата на 600 евра и за зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори.
Граѓаните, работниците живеат тешко, инфлацијата и покачените цени го јадат стандардот на работниците, сиромаштијата расте а платите стојат во место.
Владата на Мицкоски нема пари за зголемување на минималната плата, пари има само за тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер преку општините за друга фирма, 9 милиони евра за тендери со двајца вработени, 1,2 милиони евра за тендери преку Пошта“.
За време на владеењето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, парите завршуваа кај граѓаните, ја зголемивме минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
И како опозиција, напоменуваат, СДСМ стои зад работниците.
„СДСМ предлагаше Закон за покачување на минималната плата но власта го одби. Поднесовме законски решенија и амандмани во Собранието за покачување на платите во различни сектори, но власта и тоа го одби.
Обврска на владата е да обезбеди покачување на минималната плата наместо да увезува „економски работници“ а да извезува квалификувани кадри надвор од земјата“.
Македонија
МНР со реакција до Бугарија: Македонија останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности, Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации
Македонското Министерство за надворешни работи реагира на денешното соопштение објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.
„Изразуваме жалење што оваа институција сѐ почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Воедно, јасно нагласуваме дека ниту имаме намера, ниту потреба да бидеме дел од внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија – ниту преку коментари, интерпретации, ниту преку вклучување во дневнополитички наративи“, се истакнува во соопштението од МНР.
Од таму со повик до бугарските институции да се водат од, како што е наведено, принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација – принципи кои воедно претставуваат темелни европски вредности и стандарди.
„Затоа што Европа се гради со доверба и резултати, не со етикетирања и политички квалификации.
Република Северна Македонија и понатаму останува подготвена за дијалог што ќе се води во духот на европските вредности“.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

