Македонија
Македонија ќе купи од Франција опрема за противвоздушна одбрана

Министерството за одбрана пристапува кон набавка на современ систем за противвоздушна одбрана, а за кој ќе склучи договор со Министерството за одбрана на Република Франција, информира министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието.
Образложи дека станува збор за унапредување на системот за борбена готовност на Армијата во насока на остварување на основната задача за одбрана на независноста и територијалниот интегритет и суверенитет на државата.
„Како НАТО-членка, безбедноста на нашето небо ја гарантираат сојузничките воздухопловни сили, а набавката на системот за противвоздушна одбрана е комплементарна во целокупниот одбранбен систем на државата. Во изминатите две децении не е извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана, кој е потребен, пред сè, за поддршка и заштита на припадниците на Армијата, заштита на институциите и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните на Република Северна Македонија“, велат од Министерството.
Се работи за повеќегодишна набавка на систем за противвоздушна одбрана на мали височини, кој треба да ја унапреди борбената готовност на Армијата, а кој е предвиден во согласност со планот за опремување и модернизација на Армијата.
Како што е наведено, договорот ќе биде склучен набргу, а за типот на воена опрема и за динамиката на испорака јавноста ќе биде информирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес и утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Град Скопје известија дека викендов (26.07 и на 27.07.2025 година), во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, дополнуваат надлежните.
Македонија
Денес пеколно топло со температури од 43 степени

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 14 до 22, а максималната ќе достигне од 36 до 43 степени Целзиусови.
И во Скопје че биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 43 степени Целзиусови.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), утре и во првата половина од следната седмица ќе има промена на временската состојба. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе го промени правецот во северен, а дневната температурата ќе биде во опаѓање.
Македонија
62 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје во кој животот го загубија 1.070 лица

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што се случи на 26 јули 1963 година, кога животот го загубија 1.070 лица, а 3.000 беа повредени.
Во знак на почит и сеќавање на жртвите во катастрофалниот земјотрес, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје ќе положат цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел.
Во Музејот на град Скопје, вечер во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа”. Поставката ќе биде од траен карактер достапна за секој посетител во музејот. Градот како и секоја претходна година се сеќава на катастрофалниот земјотрес во 1963 година кој засекогаш го промени.
Скопскиот земјотрес во 1963 година е познат како една од најголемите трагедии кои се случиле во историјата на градот, но истовремено и шанса светот да ја покаже својата солидарност и да помогне во опоравувањето на заедницата.
Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над главата.