Македонија
Македонската државјанка Адеа Шабани пронајдена мртва во гроб во Калифорнија
Македонската државјанка Адеа Шабани, која исчезна пред повеќе од еден месец во Лос Анџелес каде што студирала глума, е пронајдена мртва. Телото на младата девојка е најдено во плитко ископан гроб во јужна Калифорнија, на околу 80 километри од Сакраменто. Медиумите во Америка пишуваат дека властите го идентификувале пронајденото тело и дека тоа со сигурност е 25-годишната Адеа.
Полицијата во Лос Анџелес досега не ја потврди информацијата, но закажана е прес-конференција во 15 часот по американско време каде што ќе откријат повеќе детали.
Според медиумите, телото е пронајдено минатиот четврток во Драј Крик од страна на официјални лица од областа Невада, кои откриле плитко ископан гроб. Но, телото на Адеа е идентификувано дури денеска.
Адеа исчезнала на 23 февруари од пред својот дом во Лос Анџелес. Истрагата не дала никакви резултати до минатиот викенд кога Крис Споц, 33-годишен актер со кого Адеа била во романтична врска, бегајќи од полицијата се самоубил пукајќи си во главата. Крис бегал со украдено возило. Набргу потоа беше откриено дека тој бил еден од главните осомничени во истрагата за исчезнатата Адеа. Истовремено, медиумите пишуваа дека полицијата има сведок кој видел како македонската актерка била насилно турната во багажникот на автомобилот на Крис.
Адеа се преселила во Америка пред две години. Студирала глума во академијата „Стела Адлер“ и се обидувала да направи кариера во Холивуд. Вечерва во 19:30 часот по американско време во академијата ќе се одржи помен во чест на Адеа Шабани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

