Македонија
Македонската и унгарската полиција ќе соработуваат за сузбивање на меѓународниот криминал
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Унгарија, Шандор Пинтер во Будимпешта потпишаа Договор за полициска соработка. Овој договор има за цел продлабочување на соработката меѓу полициите на двете држави, со цел да се делува поефикасно во сузбивањето на меѓународниот криминал, со акцент на поефикасна борба против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија со дрога, илегалната миграција и др. и се делувало поефикасно во сузбивањето на меѓународните опасности по јавната безбедност, како и во сузбивањето на меѓународниот криминал со акцент на поефикасна борба против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија со дроги, психотропни супстанци и прекурсори, илегалната миграција и други кривични дела.
„Денеска во име на двете влади на нашите држави потпишавме договор за меѓусебна полициска соработка со кој нашата соработка се проширува. Сузбивањето на организираниот криминал, нелегалната трговија со дроги, илегалната миграција и борбата против тероризмот се прашања кои ги надминуваат националните граници на нашите држави, затоа што криминалот не познава граници. Ова се глобални закани, кои бараат и глобален пристап и заедничко дејствување на сите земји. Со договорот се обврзавме дека нашите службеници ќе дејствуваат и ќе си помагаат во оперативните активности, согласно нивните надлежности. Навремена и точна размена на информации и податоци, спроведување на оперативно-истражни дејствија, редовни работни средби, размена на експерти, се само дел од точките за кои се сложивме дека ни се неопходни“, рече Спасовски.
Тој му се заблагодари на Пинтер, но и на унгарската Влада за досегашната помош и поддршка на земјава во справувањето со мигрантската криза. „Иако кризата е надмината, сепак нашите колеги заедно со полициските службеници од другите земји членки на Унијата се присутни на јужната граница и вршат постојана контрола и надзор. Ваквите соработки се доказ дека принципот на солидарност земјите-членки на Унијата го применуваат и кон земјите кои не се членки, но имаат цврста европска определба“, рече Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

