Македонија
Македонскиот дипломатски синдикат го поздрави отповикувањето на амбасадорот Тодоровски од Прага
Македонскиот дипломатски синдикат го поздравува потегот на претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за предвремено отповикување на амбасадорот Тодоровски од Прага.
Од тука велат дека отповикувањето е задоцнето и донесено со големи калкулации имајќи го предвид неговото политичко и непрофесионално дејствување како претседател на синдикална организација, како и фактот дека именуваниот и претходно е предвремено отповикан за слични нерегуларности.
„Добро што најпосле свеста за нужноста од прочистувањето на македонската дипломатија почнува да резултира со конкретна акција. Акцијата требаше да биде изведена многу потранспарентно и објавена изворно и навремено, а не изнудено со повеќемесечно задоцнување, дури откога е направен изборот на кандидат за нов амбасадор при веќе постоен амбасадор во Прага, кој е само на половина од својот мандат“, велат од Македонскиот дипломатски синдикат.
Имајќи ги предвид причините за отповикувањето, велат од Синдикатот, ќе констатираме дека непочитувањето на Виенската дипломатска конвенција претставува сериозен проблем за секоја дипломатска служба и дека со такви ситуации Министерството треба да се справува брзо и ефикасно, без никакви калкулации.
Го охрабруваат министерот Османи со иста енергија и со ист аршин, како што велат, да продолжи да се справува со секаква недисциплина, неодговорност, малверзации, неспособност и недостигот на исполнителност и на други наши амбасадори за кои има сознанија за вакви и посериозни прекршувања.
„Министерот Османи и неговиот претходник Димитров немаа желба да соработуваат со Македонскиот дипломатски синдикат, уште помалку да ги слушнат нашите сугестии во однос на лошата кадровска политика во највисокиот ешалон на дипломатијата. Поради тоа, порачуваме дека како Синдикат ќе вложиме голем напор со следниот министер за надворешни работи да воспоставиме силна двонасочна соработка, која ќе биде заснована, пред сè, на професионални стандарди и нема да имаме толеранција за неквалитет, индолентност или неспособност на нашите најважни дипломатски претставници во светот, амбасадори“, додаваат од Синдикатот.
Минатата недела Османи рече дека амбасадорот Сашо Тодоровски бил вратен од Прага поради низа утврдени неправилности.
Како причина за отповикувањето беа наведени нерегуларности во функционирањето, лажно претставување на сопругата како културен аташе во Прага, а не биле почитувани ниту инструкциите од страна на МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

