Македонија
Македонското и полското министерство за социјална политика потпишаа меморандум за соработка
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска за време на престојот во Република Полска, оствари билатерална средба со министерката за семејство и социјална политика на Република Полска, Марлена Малаг.
На официјалната посета на македонската делегација предводена од министерката Тренчевска беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Северна Македонија и Министерството за семејство и социјална политика, од страна на двете министерки.
Покрај нашата делегација, на официјалната средба присуствуваше и Амбасадорот на Република Северна Македонија во Репуплика Полска, Васил Пановски и второт Секретар на Амбасадата.
На билатералната средба се разговараше на повеќе теми, од кои фокусот беше ставен на социјалната економија, каде министерката Малаг изјави дека во нивната земја има традиција на солидарност, а со влезот во ЕУ и носењето на законската регулатива постигнат е исклучителен напредок. Новиот закон на кој работи полското Министерство ги вклучува темите на социјална интеграција, создавање на нови работни места и социјални услуги.
Министерката Тренчевска зборуваше за подготовките низ кои поминуваме во процесот на изработка на Законот за социјално претприемништво. Всушност и социјалните услуги на кои интензивно се работи, со цел нивен успешен развој.
„Во Република Северна Македонија социјалните услуги се потенцијал за развој на социјалното претприемништво и создавање работни места на најранливите категории на граѓани,“ рече Тренчевска.
На средбата се разговараше и за поддршката на лицата со попреченост при што двете страни ги потенцираа силните напори за деинституционализација, креирање социјални услуги и поддршка на овие лица. Претставниците на македонската делегација информираа околу изработката на повеќегодишна Национална стратегија за лица со попреченост која треба да се донесе во блиска иднина и процесот на деинституционализација на лицата со попреченост, процес кој е во тек, со започнатите реформи во социјалната заштита од 2019 година.
На средбата исто така се дискутираше на темите за заштита на децата, згрижувачките семејства и елиминирање на семејно насилство и насилство врз жените.
Средбата беше заокружена со договор за понатамошна соработка, особено на полето на социјалното претприемништво и реализирање на Меморандумот за соработка.
Министерката Тренчевска изрази задоволство од пријателските односи кои ги имаат двете држави, како и поддршката на Република Полска на Република Северна Македонија во процесот на европската интеграција, поддршка за која и двете страни изразија уверување дека ќе продолжи и во процесот на преговори на Република СевернаМакедонија со Европската Комисија .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Непречен сообраќај низ државата по влажни коловози, слаб снег на Попова Шапка и Ѓавато
Од 12 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Стар Дојран, ГП Богородица и ГП Меџитлија. Од 12:20 часот блокиран е сообраќајот за излез од државата за тешки товарни возила на ГП Ќафасан и ГП Блато, извести АМСМ.
Од 12:00 часот пред ГП Долно Блаце започнат е протест на превозници со тешки моторни возила, поради што товарниот сообраќај кон ГП Долно Блаце се пренасочува кај БП Дизел, а останатиот сообраќај се одвива нормално. Од 12 часот отпочнати се блокади и на ГП Деве Баир, ГП Делчево и ГП Ново Село, велат од АМСМ.
Сега засега блокиран е само сообраќајот за ТТВ за излез од државата додека за останатите категории на возила се одвива непречено.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено,по влажни коловози. Снег со слаб интезитет паѓа на Попова Шапка и Ѓавато кој во моментов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Карпош и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани прекини и тоа:
– во периодот од 08:30 до 15:00 часот, корисниците на улицата Ордан Поп Јорданов. (општина Гази Баба)
– во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на улицата Римска. (општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне со повремен дожд
Претпладне променливо облачно, во источните делови со повремен локален дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места, а на планините слаб снег. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд. Попладне облачноста ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во среда кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Од петок ќе преовладува променливо облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

