Македонија
Макрон упати честитка до Силјановска-Давкова: Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели
Честитки на македонски јазик за победата на Гордана Силјановска-Давкова, вчера, 9 мај 2024 година на социјалната мрежа фејсбук, упати претседателот на Република Франција, Емануел Макрон.
Во честитка се потенцира француската поддршка за Македонија кон целосна евроинтеграција при што е наведено следново:
„Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција остнува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.“
Професорката Гордана Силјановска-Давкова упати благодарност за честитиката на македонски и на француски јазик, истакнувајќи ја улогата на Франција како една од основачите на ЕУ и потенцирајќи дека како претседателка ќе се залага за градење на консензус кој ќе овозможи македонските граѓани да живеат европски. А исто така, ја потенцира и билатералната соработка за зајакнување македонско-француските односи.
Во одговорот на професорката Гордана Сиљановска-Давкова стои:
„Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски. Воедно, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.