Македонија
„Макфакс“, „А1он“, „Репортер“, „Додај гас“, УСБ и „Топ спорт“ излегуваат од Time.mk
Порталите од „Клип медија груп“ – „А1он“, „Макфакс“, „Репортер“, „Топ спорт“, УСБ и „Додај гас“ – излегуваат од Time.mk и повеќе нема да можe нивните содржини да се најдат на овој агрегатор на вести. Причините за ваквиот чекор се повеќе, но најбитната е дека ниту еден агрегатор на вести не може да се однесува како сака со креаторите на содржини од кои тој зависи и заработува.
Како агрегатор на вести, кој илјадници евра годишно заработува благодарение на посетите остварени на содржини на други медиуми, не смее да си дозволи да ги обојува и да им одредува политичка припадност. Сопственикот на овој агрегатор на вести, иако ниту е стручен за тоа ниту е новинар, си ги подреди во сина и црвена боја сите медиуми како блиски до некоја политичка опција, а некои имаа среќа да ги одреди во исто време и како неутрални. Ваквите обиди да ги класифицира медиумите ние нема даги премолчиме ниту да ги дозволиме никому, а посебно не на некој што не е стручен за тоа.
Второ, цело време постои неоправдано форсирање на портали на пријатели кои не исполнуваат услови ниту да се најдат на агрегаторот на вести, односно да имаат 300.000 посети месечно, а истовремено вештачки се спуштаат други медиуми, иако објавиле први информација и имаат десетпати поголем број на посети од потребните за да бидат на овој агрегатор на вести.
Трето, со уценувачки речник се бараше продолжување на соработката, која ние секако ја одбиваме и понатаму не сакаме нашите медиуми да се наоѓаат на Time.mk ниту да му даваме моќ која реално и ја нема. Интернет медиумите во склоп на Клип Медиа се сите сите стандарди- транспарентно истакнати редакции, докажани новинарски имиња, регулуиран статус на сите вработени, контакт во секое време, маркетинг служба, лектори, сниматели, монтажери, правна служба, и најбитно, со многу посети. Во такви услови, не дозволуваме никој да ни диктира услови. Исотвремено, ќе биде испратено и упатство за употреба на содржини сопственост на групацијата Клип Медиа груп до Time.mk, односно секаква содржина која ќе биде пронајдена на агрегаторот на вести, без разлика во каков облик, ќе биде цел на тужба од страна на нашата правна служба и ќе биде наплаќана по ценовникот достапен на секој портал на Клип Медиа груп.
Нашите читатели ги упатуваме дека вестите кои се на А1он, Макфакс Репортер, ТопСпорт, УСБ, ДодајГас ќе може да ги читаат директно на нашите портали но и на другите агрегатори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

