Македонија
Мала Речица ни ја крои судбината, рече Мицкоски и повика на општествено обединување
На Гоце Делчев сигурно не би му било лесно да види што се случува денес со Македонија. Но, ние мораме да имаме поинаков и поиновативен пристап на сегашноста, кон минатото и да гледаме кон иднината, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот историски час по повод 119 години од смртта на Гоце Делчев во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“.
Мицкоски праша и дали доволно е направено во изминатите 30 години и дали успеавме како држава.
„Се поставува прашањето дали доволно го имавме Делчев изминативе 30 години во себе и дали доволно сонувавме како него за да направиме таква Македонија која ќе биде во најуспешните и најубави држави во Европа. Студентите велат што подалеку одовде. И прашање е дали успеавме како држава, но да сме доблесни да знаеме каде грешевме за да знаеме каде одиме. Тоа треба да го исправиме. И треба многу да сме внимателни и внимателно да ги правиме потезите. Отсега па натаму немаме право на грешка. Процесите ќе зависат исклучиво од нас, од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што кај СДСМ никој веќе не гледа иднина“, изјави Мицкоски.
Посочи дека граѓаните гледаат надеж во ВМРО-ДПМНЕ дека нешто може да се смени бидејќи, како што рече, денеска некои се навикнати Речица да ја води Македонија за да може да врват тендерите во 4 очи.
„Денес, за да донесе некој одлука, оди по изим во Мала Речица, па прави политички потези. За тоа да не се случува, потребно е ние како ВМРО-ДПМНЕ да излеземе пред граѓаните, кои не го сакаат тоа, да понудиме нешто што ќе биде поинакво, да добиеме 61 глас во парламентот и да докажеме дека можела Македонија поинаку. Од Мала Речица 20 години чекаат да ја уништат Македонија, од внатре во институциите го користат нашето неединство. Но, ако сме сите како едно, тоа нема да се случи“, посочи Мицкоски.
Тој потенцира дека сме мал народ, не можеме да ги менуваме светските текови, но сме мудар народ и мораме тоа да го искористиме како предност.
„Ако ние нашата мудрост како предност ја искористиме, тогаш ќе има многу големи соништа и многу Делчеви со големи соништа во нас. Ние денеска се делиме, за жал, и сѐ додека постои поделбата во Македонија, тогаш некој друг ќе ни ја крои судбината, во случајот Мала Речица. Затоа ни е потребно општествено обединување, народот да застане зад политиките на ВМРО-ДПМНЕ, треба да го направиме Делчев горд и да им оставиме на нашите деца да не ги полнат рестораните во Европа, туку да останат тука и да го работат она што го учеле. Да оставиме нешто тука во сопствената држава и за сопствениот народ. Да си ја сочуваме државата“, изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека не смееме повеќе да грешиме и да им дозволиме на овие политички измамници да го контаминираат народниот непокор.
„За една недела од денеска, чекаме нашиот политички противник да се предомисли и да ја прифати подадената рака да седне на маса и да разговара најпрвин за македонско национално единство, а потоа на општо граѓанско единство против оние во Мала Речица, без разлика дали сте Македонци, Албанци, Срби Турци, Власи, Роми, Египќани и сите други мора да се обединиме против тие луѓе, кои 20 години формираат длабока држава до институциите. Затоа мора да си ја ослободиме Македонија ако сакаме да оди напред. Ќе одиме до крај, ниту јас имам намера да се повлекувам ниту ВМРО-ДПМНЕ ќе се повлече. Одиме до крај“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Шилегов: Да, барам оставка од „претседателот“ на СДСМ
Петре Шилегов, поранешен градоначалник на Град Скопје и член на раководството на СДСМ, бара оставка на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Македонското законодавство познава убиство од небрижност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла !!!! Или тешка Ви е одговорноста ? Или Ви тежи договорот ? Или си СДСМ или си тезгарош !!! М ? Прашањата ќе ги поставиме после празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Демек, добар ви е тајмингот. Нова Година, Божиќ, ќе се заборави …“, напиша Шилегов на „Фејсбук“.
Подоцна тој објави уште еден статус.
„Бидејќи можеби многумина не разбраа (преку 50 тел повици за 7 мин) ДА !!! Барам оставка на “претседателот” на СДСМ“, напиша Шилегов.
Македонија
Арсовска не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанокот на мандатот, ја обвини ДКСК за јавен линч
Поранешната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, не знаела дека треба да поднесе имотна состојба по престанок на нејзиниот мандат и вели дека никој не ја информирал за таквата обврска. Таа се најде на листата што денеска ја објави Државната комисија за спречување на коруппцијата со имиња на поранешни и нови градоначалници кои не поднеле изјава за имотна сосотјба. Арсовска ја обвини ДКСК за јавен линч и побара одговори од таму на кој начин ја креирале листата на која како број 1. е објавено нејзиното име.
„Ве известувам дека денес 17.12.2015 година (среда) од медиумите дознав информација која сте ја пуштиле како соопштение дека согласно член 82 став 3 од наведениот закон, по престанокот на функцијата градоначалник, постои обврска за поднесување изјава за имотна состојба. Сите оние кои не се реизбрани и на кои им настанал престанок се најдоа на листата која сте ја лиферувале, а истото потекнува од очигледна неинформираност од ваша страна за постоење на таква обврска. Доколку ја извршувате вашата функција соодветно и доследно нема тенденциозно да покренувате јавен линч за деградација, бидејќи да сте биле професионални и да сте го застапувале законот, ќе не информиравте лично за обврската или со соопштение преку медиумите, ете баш на истиот начин на кој за жал настапивте за да си направите себепромоција дека не се поднесени изјави за престанок“, напиша Арсовска во порака до ДКСК која ја сподели и со медиумите.
Таа вели дека добро ќе било ДКСК да сработи нешто за мултимилионската корупција во Македонија и сериозните криминали кои се случуваат вклучувајќи ги и институционалните непостапувања за случаи како загадувањето од страна на УСЈЕ или трагедијата во Кочани, наместо да се заканува со прекршочни глоби.
Арсовска вели дека очигледно сите 35 поранешни градоначалници кои не продолжуваат мандат не знаеле за постоењето на оваа одредба.
Таа додава дека нема никакви промени во нејзината имотна состојба.
„Да си ја вршите работата како треба и соработувате со институциите, на почетокот на мандатот ќе ги информирате за постоењето на обете обврски. Ве информирам дека со оваа изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата градоначалник ве информирам дека немам никакви промени согласно денот на завршување на мандатот“, пишува Арсовска.
Поранешната градоначалничка побара и одговори од ДКСК во врска со објавената листа.
„За крај, би сакала да ме информирате по писмен пат на овој е-маил, на кој начин ја креиравте листата која ја лиферувавте низ јавноста каде како број 1. сте го објавиле моето име и дали е истото сторено по азбучен ред, по возраст, по пол, по тоа кој е најсиромав или по ваше лично убедување како и кому најмногу да се осветите и да наштетите со Вашите небулози“, пишува Арсовска, која во електронската порака е потпишана како портпарол за етика и спречување на корупција на Конгресот на Совет на Европа.
Македонија
Мицкоски: Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство
Поради вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, изјави премиерот, Христијан Мицкоски во Брисел.
Тој кажа дека Владата ги презема сите реформи за конечно започнување на преговорите и дека македонските граѓани заслужуваат да се во ЕУ.
„Добро е кога Западен Балкан е во оптиката на Европската Унија, тоа е охрабрувачки за граѓаните на Западен Балкан затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина бидејќи Западен Балкан географски припаѓа на Европа и логично е да заедно се интегрира во рамките на ЕУ. Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна бидејќи нашиот пат започна уште пред 25 години, но поради би рекол вештачки причини ние сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство. Како држава и како влада се поврзуваме да го испорачаме сето она коешто е потребно во овој процес, не поради самиот процес туку пред сè поради македонските граѓани, бидејќи тие тоа го заслужуваат“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка во процесот.
„Така работиме до сега така ќе продолжиме понатаму и очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка туку напротив очекуваме од нашите соседи поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од ЕУ и она коешто е најважно, да бидеме оценувани според постигнувањето, а не според билатералните прашања“, рече Мицкоски.

