Македонија
Мал број нерегуларности за време на гласањето
До Комисијата за следење на евентуални нерегуларности во Јавното обвинителство заклучно со 15 часот денеска пристигнале помал број известувања за случени евентуални изборни нерегуларности. Дежурните јавни обвинители од основните јавни обвинителства будно го следат изборниот процес и со приоритет постапуваат во насока на утврдување на фактите во предметите.
Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет за настан пријавен на 30.10.2021 година во МВР како кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик во општина Шуто Оризари. За настанот во текот на денешниот ден беше доставено писмено известување до ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител, со цел да се утврдат фактите, го испита подносителот на пријавата во својство на сведок и издаде наредба за обезбедување материјални докази – да се изврши криминалистичко – техничка обработка на телефони и да се обезбедат како доказ пораки од меѓусебна комуникација, да се обезбеди листинг за конкретни телефонски броеви преку телефонските оператори, да се утврди точен идентитет на вклучените лица и да се изврши разговор со нив по однос на релевантни околности. Предистражната постапка трае до обезбедување на доказите, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Основното јавно обвинителство Кочани постапува по повеќе пријави од две политички партии дека различни лица вршат притисоци, влијание и агитирање врз гласачи како да се изјаснат. За сите поднесени пријави оформени се предмети и дадени се наредби и насоки до ОВР Кочани за проверка на наводите. Доколку бидат обезбедени докази за кривично дело, обвинителството ќе постапи согласно своите надлежности.
Кочанското обвинителство, постапувајќи по кривична пријава, ги проверува и наводите дека една новинарска екипа од интернет портал извршила кривично дело – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од член 394-г од Кривичниот законик.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево бил известен дека гласач на едно гласачко место го фотографирал ливчето, додека на друго гласачко место еден гласач искинал гласачко ливче. Се постапува за утврдување на фактите.
Јавното обвинителство продолжува да го следи процесот на гласање и постапува по сите сомненија за евентуално сторени кривични дела поврзани со локалните избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени 15 возачи кои возеле без возачка и пијани
Вчера полицијата приведе 15 возачи поради возење без возачка, со активна забрана за управување, возење под дејство на алкохол и нерегистрирани возила, а една од нив е малолетничка, соопшти МВР.
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода 15 возачи, од кои двајца во Тетово и по еден во кочанско, Куманово, Гостивар, струмичко, Струмица, Неготино и Кавадарци затоа што управувале возило без возачка дозвола.
Возачот во Гостивар и малолетничката во Кавадарци претходно учествувале и во сообраќајни незгоди.
По еден возач во Струга и Велес управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија, додека еден возач во Богданци управувал нерегистрирано возило.
Исто така, еден возач во Крива Паланка управувал возило под дејство на алкохол и без возачка дозвола, еден возач во Куманово управувал нерегистрирано возило без возачка дозвола и еден возач во Македонски Брод управувал возило под дејство на алкохол и со активна забрана за управување возило од Б категорија.
Лицата се приведени во полициска станица, а по насоки на јавен обвинител возилата се одземени и по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување односно доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Се воведува истражувачко новинарство во наставата по Граѓанско образование за 8. и 9 одделение
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, присуствуваше на промоцијата на новиот курикулум за истражувачко новинарство по предметот Граѓанско образование, во Собранието на Македонија. На настанот присуствуваа претседателот на Собранието Африм Гаши, амбасадорот на Швајцарската Конфедерација во Македонија Кристофер Зомер, претставници на Парламентарниот институт, Националниот демократски институт (НДИ), наставници и ученици.
Модулот за истражувачко новинарство е вид на практична школа за демократија. Во улога на истражувачки новинари, учениците ќе обработуваат теми од заедницата, ќе поставуваат прашања и ќе бараат одговори, ќе работат во тимови и ќе пишуваат новинарски текстови.
Министерката Јаневска нагласи дека демократијата е темелна вредност на нашето општество, а преку образованието можеме да придонесеме за натамошно јакнење на демократските процеси.
„Неодамна добивме признание од Советот на Европа дека Македонија е зрело демократско општество, во кое владее правото. Тоа е голема чест за нашата држава и за Владата, што во основа покажува дека демократските принципи се вградени во институциите на системот и дека демократијата ја практикуваме, а не е само декларативна. Треба да продолжиме во таа насока“, рече Јаневска.
Таа додаде дека низ воспитно – образовниот процес треба да подготвуваме нови генерации кои ги знаат, почитуваат и применуваат демократските принципи на еднаквост, слобода на говор и учество во носење одлуки.
Јаневска упати благодарност до швајцарската Програма за парламентарна поддршка и Парламентарниот институт на Собранието за подготовката на модулот, кој веќе е одобрен од Бирото за развој на образованието како изборен за 8-мо и 9-то одделение и е достапен на училиштата.
Македонија
Силна поддршка за американските мировни напори за Украина и Европа – Мисајловски со порака во седиштето на НАТО
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.
Мисајловски во денешното обраќање се осврна на целите, приоритетите и активностите кои се превземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата кое денес е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.
„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот.
Додаде дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.
„За модернизација годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот одбранбен буџет што е далеку над она што е предвидено да биде согласно НАТО целите, односно одвојување на 20 % од одбранбениот буџет за модернизација“, рече Мисајловски. Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои посочи министерот дека придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО оценувањето кое претстои во април оваа година.
Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ како во рамки на источното крило на Алијансата, така и во рамки на KFOR и ALTHEA, сѐ со една цел, мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.
За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напорите на САД за воспоставување на мир во Украина и на Европскиот континент.
По завршувањето на состанокот министерот Мисајловски замина за Минхен каде ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција која ќе се одржи од 13 – 15 февруари 2026 година.

