Македонија
Манев за грабнувањето на Вања: Палевски ни рече дека ќе грабнеме возрасна жена, а не дете
Пред да биде грабната 14-годишната Вања, првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо на обвинетите им рекол дека ќе грабнуваат 38-годишна жена, ќерка на сопственик на веледрогерија, сведочеше обвинетиот Велимир Манев.
Според сведочењето, Палевски размислувал и за киднапирање на директорот на „Гранит“, а првата личност што сакал да ја грабнат била ќерка на пензиониран скопски бизнисмен, кој живее во истата зграда од која беше грабната Ѓорчевска. Потоа Палевски им рекол дека ќе грабнат 38-40-годишна жена од богато семејство.
„Ни ги покажуваше фотографиите на телефон. Изгледаше на 40-годишна жена, не личеше на дете“, рече Манев.
Палевски им го објаснил системот и начинот како се отвора вратата, ентериерот на внатрешноста на зградата.
„Јас и Боре влеговме во зградата. Беше темно, немаше светилка. Светлина доаѓаше од влезната врата. Чекавме. Кога се симнуваше личноста, Боре ја грабна со едната рака, а со другата ѝ ја залепи устата и ја повлековме кон скалите, кон потемното. Излезе од лифтот спуштајќи се по скалите надолу. Според фотографиите што ни ги даваше Палчо, личноста беше идентична, колку што можевме да видиме во темното. Ја врзавме, ја ставивме во вреќа за спиење. Кешишев го донесе автомобилот пред влезот, го отвори багажникот за да можеме да ја ставиме“, рече Манев.
На таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски му се слоши, по што судијата даде пауза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со сериозни обвинувања за перење 2 милиони евра во ЕСМ: „Кадри на СДСМ и ДУИ вмешани во криминал“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција обвини дека кадри на СДСМ и ДУИ во ЕСМ снабдување со топлина биле инволвирани во криминал тежок неколку милиони евра.
Според Петрушевски, тендер вреден осум милиони евра завршил во фирма која, како што рече, била однапред договорена од Бујар Дардишта, кадар на ДУИ, а именуван од СДСМ. Тој тврди дека по договорениот тендер, директорот заедно со уште 32 лица испрале два милиони евра, пари на граѓаните.
Петрушевски посочи и дека во Надзорниот одбор на ЕСМ снабдување со топлина била и ќерката на тогашниот претседател на Собранието Талат Џафери.
Тој ги повика СДСМ и ДУИ да одговорат каде завршиле, како што наведе, испраните два милиони евра, дали лица од тогашниот врв на двете партии се вмешани во случајот и зошто не се оградуваат од наводите. Петрушевски побара и Јавното обвинителство да постапува независно и одговорно.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филип Андов и Агрон Демири – новите лица на Филипче, се лошото минато на Заев
Новите лица на Филипче, се лошото минато на СДС и Заев. Филип Андов – Сокол поранешен советник на Зоран Заев и поранешен директор на затворот во Шутка, и Агрон Демири, коносител во 6та ИЕ на последните парламентарни избори, се новите лица на СДС и Филипче, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Филип Андов, човек со кривична пријава и активен судски случај е дел од раководството на Филипче. Познат по тоа што затворот во Шутка го претвори во хотел промаја, затворениците повеќе седеа надвор отколку внатре во затворот. Оние што беа внатре пак имале навистина големи поволности. Андов до толку се грижел за своите затвореници што дозволувал дури и службени возила и службени лица да ги разшетуваат низ државата. Едноставно си го приватизирал затворот и си наплаќал услуги. СДС наместо оградување и исклучување, го наградија со раководна функција. Дали можеби работел по насока и директива на поранешни челници на СДС останува да дознаеме?“, праша тој.
Од друга страна, додаде Манасиевски, го имаме Агрон Демири, исто така досегашен член на ЦО на СДС и коносител на минатите избори во ИЕ6 и не успеа да влезе како втор на листата.
„Агрон Демири е горд пријател на Зоран Заев и Венко Филипче. Тој никогаш не ја криел неговата наклонетост кон овие двајца. За таа цел, во 2021 година, Агрон Демири како претседател на студентски парламент од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, му доделил плакета на Зоран Заев, за заложбите што ги правел кон младите. А добро ги паметиме неговите заложби со оглед на тоа дека младите беа омаловажени и потценети во негово време. Но, дали оваа наклонетост и плакета кон Зоран Заев, го пласираше Демири во врвот на СДС? До толку ли нема други заслужни, па тој мора да биде награден? Несуден пратеник и анонимус во политиката.
Почитувани граѓани, Дали овие ликови се новите лица на СДС, секако дека не. Ова се само луѓе послушни кон Зоран Заев, а го држат Венко Филипче на функција“, рече Манасиевски и праша дали овие лица се горди на аболицираниот криминалец Зоран Заев и ќе продолжат по неговите криминални и коруптивни чекори?
Македонија
Анита Топалова-Исајловска избрана за в.д. јавен обвинител
Обвинителката Анита Топалова – Исајловска беше избрана за вршител на должност јавен обвинител на Република Северна Македонија на денешната седница на Советот на јавни обвинители.
Таа беше единствениот предложен кандидат, на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела поднесе оставка, непосредно пред да биде разрешен во Собранието на Северна Македонија. Тој ја извршуваше функцијата државен обвинител неполни две години откако беше избран од пратениците во минатиот парламентарен состав на 13 февруари 2024 година.
Тополова-Исајловска доаѓа на негово место од позицијата заменик јавен обвинител, каде што помина подолг временски период.
Назначувањето на вршител на должност јавен обвинител се врши согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство. Функцијата се извршува до именување на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

