Македонија
Манчевски: Државата активно работи на зголемување на сајбер-безбедноста
Експертизата во сајбер-безбедноста е потребна во сите сфери од нашето живеење. Ризиците од сајбер-просторот стануваат реални ризици за животот и имотот на секој од нас, рече министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на отворањето на работилницата „Национална рамка и стратегија за сајбер-безбедност и функционирање на национален CERT/CSIRT“.
„Довербата на граѓаните во функционирање на службите зависи и од безбедноста на нивните податоци и сајбер-безбедноста воопшто. Затоа, ние како држава мораме да правиме сè што е во наша надлежност за да им ја обезбедиме приватноста на граѓаните, од една страна, и безбедноста на податоците, а од друга да обезбедиме национална безбедност, односно да одржуваме рамнотежа меѓу нив. Мораме заедно да го штитиме информатичкиот простор како што ги штитиме нашата територија, воздухот, водата…“, истакна министерот Манчевски.
Експертизата од држава како Кореја, која е лидер во областа на сајбер-безбедноста, е од особено значење за Македонија, нагласи Манчевски.
Тој се осврна на активностите на кои МИОА во соработка со сите засегнати страни и релевантни институции работи во моментот.
„Формиравме работна група за подготовка на стратегија за сајбер-безбедност. Во наредните месеци очекуваме да имаме нацрт-документ кој ќе се однесува на сајбер-безбедноста на сите, и на граѓаните и на јавните инситуциии. Во рамките на посебната соработка договорена помеѓу МИОА, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи, а со поддршка на Светската банка, беше направена процена на зрелоста на капацитетите за сајбер-безбедност во државата од страна на експерти од глобалниот центар за капацитети во областа на информатичката безбедност на Универзитетот „Оксфорд“.
На дигиталниот саем, кој ќе се одржи на 18 и 19 април, ќе биде презентиран извештајот од процената, кој ќе овозможи објективно разбирање за областите што треба да се подобрат и активностите што треба да се преземат во таа насока. Исто така, работиме на нова законска рамка, што ќе овозможи поголема безбедност на интернет-мрежите“, информира Манчевски.
Според министерот, сајбер-нападите претставуваат заедничка закана за секого: потрошувачите, државите, бизнисите, економиите, занаетите, граѓаните итн. Како што и порано за време на војна се склучувале сојузи за борба против непријателот, така и ние мора да се здружиме заедно, заклучи Манчевски.
Работилницата „Национална рамка и стратегија за сајбер-безбедност и функционирање на национален CERT/CSIRT“ е во организација на МИОА, Корејската агенција за интернет и информатичка безбедност и Светската банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

