Македонија
Манчевски за Законот за АВМУ: Апелирам до опозицијата за побрзо откочување на реформите во медиумската сфера
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денес одржа прес-конференција во Владата, на која информираше за процесот на усвојување на Законот за АВМУ. Притоа, министерот истакна дека веќе четири месеци опозицијата со бескрајни дебати по однос на поднесените амандмани, го кочи усвојувањето на ЗАВМУ.
„Се одржаа само 6 седници на Комисијата за транспорт и врски. Успеавме да поминеме само 7 амадмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2 и пол години“, рече Манчевски кој додаде дека содржината на амандманите е уште позагрижувачка.
Подвлече дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против јавна расправа, односно јавно претставување на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ.
„Да се биде против транспарентност и јавност во изборот на независни регулаторни тела е да се биде против основните демократски вредности и слободата на медиуми. Тоа нема да го дозволиме. Никогаш повеќе нема да дозволиме политичарите да се пазарат зад затворени врати, а граѓаните да дознаваат за одлуките, откако тие веќе ќе бидат донесени“, нагласи министерот кој кажа дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е по секоја цена да го продолжи мандатот на актуелните раководства на МРТВ и АВМУ.
Според Манчевски, особено аларматна е состојбата во МРТВ.
„Националниот радиодифузер е презадолжен, со застарена опрема, без услови за работа на вработените, без никаков рејтинг и доверба кај граѓаните. Наместо да побараат одговорност од раководството, опозицијата сака да продолжи ваквата состојба. Дополнителен проблем е тоа што и голем дел од членовите на Советот и на АВМУ и МРТВ се партиски членови, сегашни и поранешни високи партиски функционери, советници во кабинетот на Никола Груевски. Во овие тела владее непотизам и партизираност, под сите критериуми и меѓународни стандарди“, рече министерот.
Тој истакна дека за реформи во медиумската сфера, потребна е поддршка од граѓаните и медиумите.
„Затоа ве повикувам будно да го следите процесот и активно да бидете вклучени. Ја повикувам и опозицијата да заборави на партиските игри и да го стави интересот на граѓаните на прво место. Апелирам, Комисијата за транспорт и врски во Собранието, со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, да работи секојдневно, ако треба и без прекин за да се помине дискусијата по амандманите на ЗАВМУ“, изјави министерот за информатичко општество и администрација на денешниот прес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

