Македонија
Манчевски: Наша цел е доближување на услугите до граѓаните и целосна дигитализација на процесите и услугите
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на настанот „Самит на малите земји – нови трендови во бизнисот“ се осврна на дигиталната трансформација, на којашто во моментов работи МИОА, со поддршка од бизнис-заедницата, регионот и Европската комисија.
„Дигитализацијата и реформите во ИКТ-сферата во Западен Балкан во моментот е еден од приоритетите на Европската комисија. Со воспоставување единствен дигитален пазар од сите WB6 земји се очекува да придонесе во развој на дигиталното општество, но и економски раст во регионот, зголемување на иновациите, системски реформи во администрацијата и институциите. Тоа ќе придонесе и до зголемување и подобрување на квалитет на животот на граѓаните во сите сфери“, истакна Манчевски.
Зборувајќи за заложбите на МИОА и Владата на РМ, министерот Манчевски претстави дел од проектите кои се однесуваат на целосна дигитализација на Македонија и доближување на услугите до граѓаните, а не на граѓаните до услугите.
„Свесни сме дека ние како Влада и вие како бизнис-сектор мораме да се фокусираме на граѓаните. Со цел да постигнеме целосна дигитална трансформација ние во моментов работиме на повеќе проекти од оваа област како што се: е-услуги за граѓаните, креирање национален портал, портал за отворени податоци, отворање технолошки парк, стратегија за широкопојасен интернет…“, информираше министерот Манчевски.
Како што заклучи министерот Манчевски, во креирање тековни активности, но и идни планови на МИОА, активно се вклучени ИКТ-компаниите. За целосна дигитална трансформација и доближување на Македонија до Европската Унија потребни се не само јаки институции туку и јак приватен сектор, силни компании кои заедно со нас ќе работат на ова поле. На овој начин градиме максимално отворено и транспарентно партнерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

