Македонија
Манчевски: На прагот на НАТО и набргу на ЕУ стануваме сè попримамлива цел на сајбер-криминал
Со поддршка на Меѓународната унија за телекомуникации – ITU, нашата земја е домаќин на тридневна работилница за сајбер-безбедност. Настанот го отворија министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, Ионут Андреи, државен секретар во Министерство за комуникации и информатичко општество како претставник на романското претседателство во Советот на ЕУ, Марко Обисо, раководител на одделот за ИКТ-апликации и одделот за сајбер-безбедност во ITU, и Милан Секулоски, виш советник за Европа и централна Азија од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – DCAF.
На работилницата ќе стане збор за тековните перспективи за регионалната сајбер-безбедност, како и за идните регионални и меѓународни соработки.
Манчевски во обраќањето рече дека да се биде домаќин на првата работилница на Меѓународната унија за телекомуникации за Европа за национални стратегии за сајбер-безбедност е одличен пример за посветеноста на Северна Македонија да ја олесни регионалната и меѓународната соработка, притоа покажувајќи дека големината на територијата на една нација не го утврдува влијанието на нејзините напори кон регионална безбедност.
„Секој ден се соочуваме со предизвици за безбедноста. Затоа, наша заедничка одговорност е да играме фер и да ги штитиме сите процеси, како и најранливите податоци и пристапот до ресурси. Мора да го спречиме сајбер-криминалот. Затоа, регионалната и меѓународната соработка е од суштинско значење. Со сето ова на ум јас сум силен застапник за споделување добри практики и искуства со нашите регионални и меѓународни партнери“, рече Манчевски.
Додаде дека на прагот на НАТО и набргу на ЕУ, Северна Македонија станува сè попримамлива цел на сајбер-криминал, па сајбер-безбедноста е еден од клучните приоритети на Владата.
„Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизација на градењето капацитети за сајбер-безбедност, со поддршка од нашите стратешки партнери, произведе значајни резултати изминатава година. Оттогаш наваму пејзажот на сајбер-безбедноста значително се промени“, истакна Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

