Македонија
Манчевски-Папас: Македонија и Грција ќе ги намалат цените во роаминг
Македонија и Грција како соседи имаат обврска кон своите граѓани покрај тоа што се соседи и да бидат партнери и постојано да соработуваат, се вели во владиниот заклучокот од средбата помеѓу министерот за информатичко општество и админситрација Дамјан Манчевски и министерот за дигитална политика, телекомуникации и медиуми во грчката Влада, Никос Папас.
Како што информира владата, главен фокус во разговорот на двајцата министри било обезбедувањето на сите потребни предуслови за намалување на цените за роаминг помеѓу двете држави.
„На средбата со грчкиот колега, министерот Папас, ги продолживме разговорите за потпишување на договор помеѓу двете држави за намалување на цените во роаминг за нашите граѓани. Како заклучок од средбата со задоволство можам да кажам дека во текот на месец септември, ќе објавиме и конкретен договор, за отпочнување на процесот за намалување на цените во роаминг“, истакнал министерот Манчевски.
Манчевски рекол дека договорот што го потпишаа двете влади, ги отстранува пречките за соработка кои постоеа во минатото а договорот за роаминг е само почеток и станува збор за многу конкретна мерка од која корист ќе имаат сите граѓани.
„Позитивниот резултат од разговорите со министерот Папас, од кои произлегуваат конкретни поволности за двете држави, се само уште една потврда за придобивките кои ќе следат по зачленувањето на Македонија во Европската Унија и НАТО. Затоа наша обврска е да излезме на престојниот референдум и да гласаме за европска Македонија“, заклучил Манчевски.
Министерот Манчевски на покана на грчкиот министер Никос Папас, присуствувал и на официјалниот ручек, заедно со висока владина делегација од Соединетите Американски Држави предовдена од Вилбур Рос, државен секретар за трговија на САД и Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.
Македонија
Меџити го дочека претседателот на Албанија во Чаир
Градоначалникот, Изет Меџити, свечено го пречека во Чаир претседателот на Албанија, Бајрам Бегај кој допатува во тродневна посета на земјата.
Меџити му посака добредојде пред општината, нарекувајќи го брат.
Албанскиот претседател заедно со делегацијата ќе ја посети џамијата „Мустафа Паша“ и Старата скопска чаршија, кадешто ќе има свечен настан.
За утре е превидено, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, да биде домаќинка на Бегај. Албанскиот претседател ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на церемонија во Кабинетот на претседателот, по што ќе следи тет-а-тет средба на претседателите, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација.
Во рамки на официјалната посета, претседателот на Република Албанија ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Најавена е и посета на Тетово во сабота.
МВР соопшти дека поради посетата во главниот град деновиве ќе има посебен сообраќаен режим.
Сообраќајот пред општината Чаир попладнево беше целосно блокиран. Автобусите сообраќаа по изменета рута, додека пешаците беа пренасочувани од другата страна на булеварот.

